ДОБРОСОСЕДСТВО, НО ВРЗ ОСНОВА НА РЕЦИПРОЦИТЕТ, ЌЕ БИДЕ ЕДНА ОД ПОРАКИТЕ НА  СЕМАКЕДОНСКАТА СРЕДБА ЗА ИЛИНДЕН ВО ТРНОВО

    ДОБРОСОСЕДСТВО, НО ВРЗ ОСНОВА НА РЕЦИПРОЦИТЕТ, ЌЕ БИДЕ ЕДНА ОД ПОРАКИТЕ НА  СЕМАКЕДОНСКАТА СРЕДБА ЗА ИЛИНДЕН ВО ТРНОВОНа средбата во Трново ќе се обрати и претставник од ОМО „Илинден“- Пирин, a во културно-уметничката програма свој настап ќе има и фолклорниот ансамбл „Сонце“ од Пирин. - Од претходните средби во Трново (Фото: Здружение Македон)

    Ние сме за мир и добрососедство со секој народ, но кога тоа ќе почива на реципроцитет. Не можеме да прифатиме Бугарите во Македонија да ги уживаат сите права, а тие да не признаваат македонско малцинство. Гледаме во Европа дека и кучињата имаат повеќе права отколку Македонците да се изразат дека се тоа и да зборуваат на својот мајчин јазик, вели Александар Јанчевски, претседатeл на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и на сојузот „Македон“ во кој учествуваат 26 здруженија од земјава.

    Тие меѓу организаторите на 51. Семакедонска традиционална средба што на Илинден ќе се одржи во Трново, Битолско.  Една од пораките што ќе се упати годинава ќе биде укинување на францускиот договор за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.

    „Традиционално на Илинден упатуваме пораки за семакедонско обединување и помирување за одбрана на името на државата и идентитетот на македонскиот народ. Укинување на Преспанскиот договор, но и на  договорот меѓу Бугарија и Македонија со кој се наложува промена на јазикот, традицијата, културата, историјата и се` што е белег на еден народ. Да се укинат и меѓувладините комисии меѓу Македонија и Бугарија за ревизија на македонската историја зашто на Македонија не е и е потребна нова политичка историја , таа си има историја која трае со векови“, рече Јаневски на денешната прес- конференција. 

    На средбата во Трново илинденско обраќање ќе има претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, како и претставници на македонското малцинство во Грција, Бугарија и Албанија. Ќе се обрати и претставник од ОМО „Илинден“- Пирин, a во културно-уметничката програма свој настап ќе има и фолклорниот ансамбл „Сонце“ од Пирин.

    Од здруженијата потврдуваат дека деновиве низ многу села во Егејска Македонија (денешна Грција) се слави Илинден со собири и слави на кои се пеат и играат македонски песни и ора.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира