ДОДЕКА ВО ТЕТОВО РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ СО КОВИД-19, СОВЕТОТ РАСПРАВА ЗА ПРОМЕНА НА ДУП И ИЗГРАДБА НА 20 ОСУМКАТНИЦИ

    ДОДЕКА ВО ТЕТОВО РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ СО КОВИД-19, СОВЕТОТ РАСПРАВА ЗА ПРОМЕНА НА ДУП И ИЗГРАДБА НА 20 ОСУМКАТНИЦИОткако претходната седница се одржа онлајн, сега советниците се собраа во собраниската сала на Општината (Фото: СДК.МК)

    Не помина предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА на денешната седница на Советот на Општина Тетово да се расправа за мерките што Општината ги презела и ќе ги преземе за справување со кризата со КОВИД-19, место за промена на детален урбанистички план. Советниците потрошија речиси два часа на утврдувањето на дневниот ред.

    „Ние побаравме на дневниот ред да се стават точки кои се однесуваа на заштита на јавното здравје, а се поврзани со пандемијата на КОВИД-19, но место ова, беа ставени точки за донесување на два урбанистички плана. Со еден се предвидува промена на ДУП по должината на булеварот Видое Смилевски-Бато, од големиот кружен тек до приватната болница, за да се даде дозвола за изградба на повеќе од 20 осумкатници. Тука се работи за приватно и државно земјиште. Како советничка група поднесовме барање да се изврши промена на предложениот дневен ред и побаравме место за ова, да се расправа за донесување олеснителни мерки за физички лица и деловни субјекти од Општината кои се погодени од мерките против КОВИД-19. За жал, по двочасовна расправа околу нашите предлози, тие не беа усвоени од мнозинството советници“, изјави Александар Велјановски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Претседавачот на Советот Беким Мемети рече дека во овој момент не може да се расправа за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА за давање финасиски олеснувања, бидејќи финансиските служби на Општината претходно треба да подготват анализа и материјал. Тој посочи дека овие барања можат да бидат ставени на дневен ред на некоја од наредните седници на Советот.

    Ова беше втора седница на Советот на Општина Тетово откако изби епидемијата на коронавирусот. Првата се одржа онлајн, но сега советниците се собраа во собраниската сала на Општината.

    По само две поминати точки, беше дадена пауза, а по нејзиното завршување веќе немаше кворум за да се продолжи со седницата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира