Во последен момент Советот на Општина Тетово го усвои буџетот за наредната 2018 година, но за советниците од опозициската ВМРО ДПМНЕ начинот на кој тој е донесен незаконски. Според нив, за него првин требала да расправа Комисијата за финансии и буџет, па дури потоа буџетот требало да се стави на разгледување и усвојување од страна на советниците.
„Буџетот е донесен без за него да расправа Комисијата за финансирање и буџет која сè уште не е формирана. Затоа првин треба да се конституира оваа комисија, таа да расправа за буџетот и да даде свој предлог, па дури потоа Советот да пристапи кон негово усвојување. Советот на Општина Тетово без оваа комисија, нема право да го донесе буџетот за 2018 година“, изјави Горан Јовановски од советничката група на ВМРО ДПМНЕ за кого и самото тоа што Советот на Општина Тетово нема сè уште избрано претседател е спорно, бидејќи седницата на која се донесува буџетот ја води претседавач.
„Ние ги исконсултиравме сите надлежни институции во Министерството за локална самоуправа и инспекторијатот за локална самоуправа и од нив имаме добиено став дека можеме да одржиме седница. И покрај тоа што не се избрани сите комисии, рокот за донесување на буџетот е 31 декември, па ако не се донесе до тој датум буџетот, општината влегува во друга ситуација која е непожелна за никого, а како крајно може да следи и распуштање на Советот“, вели секретарот на Општина Тетово Славица Серафимовска.
Таа додаде дека иако Советот нема избрано претседател, Советот полноправно одлучува бидејќи се верифицирани мандатите на доволен број советници.
„Што се однесува до работата на комисијата за финансирање и буџет, која сè уште не е формирана, таа комисија, и да постои, таа само зазема став и не одлучува. Советот е тој што одлучува. И ние не можеме, само затоа што сè уште не е формирана комисијата и Советот да не одлучува по оваа важна точка од дневниот ред“, додаде секретарот Серафимоска.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ побараа да им се достави во писмена форма дозволата што е добиена од државните институции со која е дозволено дека без комисија може да се донесе буџетот на Општината. По ова петмината советници од редовите на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија седницата на Советот, исто како и минатиот пат, во знак на солидарност со притворените лица со настаните од 27 април.
Буџетот на Општина Тетово за наредната 2018 година беше изгласан со 21 глас.
Советот на општина Тетово се уште нема избран претседател бидејќи советниците од ДУИ, СДСМ, ДПА и Партијата на Турците се уште не можат да обезбедат мнозинство од 16 советници. Иако градоначалничката Теута Арифи денеска рече дека мнозинството во Советот е обезбедено и дека по Нова Година ќе се избере претседател, од неофицијални извори дознаваме дека сега проблемот се јавил кај ДПА. На оваа седница ги немаше нивните тројца советници, па наместо советникот од ДПА Аднан Билали кој како највозрасен претседаваше со првата седница на Советот и а за кого беше речено дека поради полесна сообраќајна несреќа не бил присутен, со седницата претседаваше Ѓукшен Нухи од Партијата на Турците.
З. АНДОНОВ