Престанете да градите и да профитирате од уништувањето на Карпош, им порачаа жителите на скопската населба Карпош 3 на општинарите, на денешната јавна презентација на Деталниот урбанистички план Карпош 3, блок 8.
Во напната и нервозна атмосфера, граѓани бараа вработени во Општина Карпош да им објаснат зошто се градат сите нови објекти на тој потег, кога состојбата во Карпош секоја зима е алармантна со степенот на загадување, се узурпираат зелените површина, а се градат згради повисоки од 20 метри.
Според планот, се предвидува на тениското игралиште позади кулата на „Горење“ деловен објект со висина од 30 метри. Во делот на поштата се планира станбен објект со висина од 22 метри. На местото на „Тинекс“ ќе изникне 17-метарски трговски објект, а објектот до маркетот ќе израсне во хотел со седум ката и висина од 27 метри.
„Предвидувате 11 нови објекти високи над 20 метри. Па дали вие имате деца, знаете ли дека цел Карпош е веќе узурпиран. Престанете да градите. Доста веќе профитирате и терате свои бизниси на наша сметка“, им викаа граѓаните на надлежните од Општина Капрош кои дојдоа да им го презентираат планот.
Благица Блажевска, раководител на секотор за урбанизам во Општина Карпош, им рече дека во планот единствена измена е тоа што до новата општинска зграда ќе се изведува паркинг за 25 возила. Правењето подземен паркинг би било многу тешко поради подземни води и би чинело над пола милион евра.
„Сите други објекти кои постојат се предвидени уште од 1998 година“, им рече Блажевска.
Граѓаните реагираат дека измени на овој план биле донесени лани на Седницата на Советот на Општина Карпош одржана на Бадник, и дека и сега како и тогаш градоначалникот Стевче Јакимовски сака да ги прикрие измените на овој план со кој ќе се уништи населбата.
„Како можете во очи да нè лажете? Каде ќе ви оди душата? Бараме мораториум за градење во Карпош 3. Нема да ви дозволиме да го донесете овој план“, им рекоа граѓаните на општинарите.
Потоа дебата се претвори во поединечки забелешки и надвикувања, по што општинарите си заминаа порачувајќи им на граѓаните да си пополнат анкетни листови и во нив да ги напишат забелешките.
А. АНТЕВСКА