ДОЖДОТ ЈА ПОПЛАВИ МЕДИЈАТЕКАТА И ПРОКАПЕ НАДВОРЕШНИОТ ЅИД ОД УЧИЛНИЦАТА, КОИ ВИКЕНДОТ БЕА САНИРАНИ ВО ШКОЛОТО ВО СЕЛО БИСТРИЦА

    ДОЖДОТ ЈА ПОПЛАВИ МЕДИЈАТЕКАТА И ПРОКАПЕ НАДВОРЕШНИОТ ЅИД ОД УЧИЛНИЦАТА, КОИ ВИКЕНДОТ БЕА САНИРАНИ ВО ШКОЛОТО ВО СЕЛО БИСТРИЦАУчилиштето за проблемот ја извести локалната власт уште во мај годинава и доби ветување дека до почетокот на учебната година ќе биде направена санција, но активности беа преземени на 30 август. (Фото: СДК.МК)

    Вчершаниот дожд ја поплави медијатеката, а прокапе и по надворешната страна на ѕидот од училницата кои Општина Битола ги санираше викендот, пред самиот старт на учебната година во училиштето „Крсте Петков Мисирков“ во битолското село Бистрица.
    Санација беше неопходна зашто ѕидот од школото беше оштетен по туркањето на стариот објект лепенка до школото, каде Општината уште во февруари најави реконструкција на спортска сала.

    Училиштето за проблемот ја извести локалната власт уште во мај годинава и доби ветување дека до почетокот на учебната година ќе биде направена санција, но активности беа преземени на 30 август.

    Директорката на училиштето Татјана Апостоловска-Ѓоргиевска во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави: „По преземените активности за време на викендот, кога се санираа ѕидовите од медијатеката и една училница, денес по вчерашниот дожд медијатеката е поплавена, а училницата внатрешно денес немаше ништо, протече само надворешниот ѕид од терасата која е дел од таа училница. И искрено жалам што се актуелизира нашиот проблем и политички се користи пред избори, а постои од февруари од кога ги испраќаме нашите барања до надлежните“. Таа додаде дека ако не се заштити ѕидот на школото од надворешна страна ќе дојде до протекување и во училницата.

    За состојбите во школото денес се водеше жестока дискусија во општинскиот Совет.

    „Во петокот бевме таму и видовме во каква состојба се училниците поради турнатиот објект. Требаше да одиме ние, да се качиме по камењата во двроот, да снимиме, за в сабота наутро во 7 часот да одат мајстори. Го замачкаа ѕидот и вчера заврна дожд, а денес по училниците течи по ѕидовите. Во саботата бојадисано, а вчера потопено“, рече претседателката на Советот Габриела Илиевска од „Поинаку“ покажувајќи слики.

    Ѝ реплицираше советникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Петковски, вработен во школото, велејќи дека сликите не се од училницата, туку од медијатеката.

    „Признавам дека салата е во застој, точно е дека не се работи, се турна и направи проблеми на училниците, се наиде на септичка јама, и не знам кога ќе продолжи и дали ќе се направи, но вие како советничка со повеќе мандати дали некогаш сте побарале со некој амандман или предлог да се направи салата?“, ја праша Петковски.

    Илиевска рече дека претходно имало најави оти Агенцијата за спорт и млади ќе ја гради, а сегашната власт кажала дека има проект за кој се издвоени пари. Рече дека таа не е виновна што фирмата која го работела проектот не знаела навреме дека таму има септичка јама.

    Општина Битола во февруари најави дека ќе изгради спортска сала во Бистрица, но пред неколку дена одговорија дека проектот е даден на ревизија зашто на терен наишле на септичка јама. Градоначалникот Тони Коњановски на први семптември на својот фејсбук профил објави  дека „училницата која во изминатиот период беше предмет на политички шпекулации е целосно санирана“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира