ДРИТОН ФЕТАИ КАКО ЛИЦЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЗАВРШИЛ ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ, НО ПЕТ ГОДИНИ НИКОЈ НЕ САКА ДА ГО ВРАБОТИ

    ДРИТОН ФЕТАИ КАКО ЛИЦЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЗАВРШИЛ ПРАВЕН ФАКУЛТЕТ, НО ПЕТ ГОДИНИ НИКОЈ НЕ САКА ДА ГО ВРАБОТИДритон е лице со лесна попреченост, има мали проблеми со одењето, но тоа за него не било пречка да ги заврши основното и средното училиште и да дипломира на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    „Знам да работам со тракторот, се научив со текот на годините. Нема што друго да правам. Автомобил не возам, имам страв. Со тракторот ми е многу лесно и работам на нашите ниви околу одгледување на пченка, пченица и љонџа – детелина за сточна храна, а  имам завршено и правен факултет“, ја започнува својата приказна 28-годишниот Дритон Фетаи од тетовско Прељубиште, кој веќе 5 години се обидува да се вработи.

    Дритон е лице со лесна попреченост, има мали проблеми со одењето, но тоа за него не било пречка да ги заврши основното и средното училиште и да се запише на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово. Дипломирал во 2018 но, радоста од дипломирањето набрзо била заменета со разочараност од неможноста да најде работа. Неговата диплома како да нема иста важност со дипломите на другите завршени студенти.

    „Одлучив да студирам Правен факултет, три години, одеше добро, го завршив факултетот. Додека студирав сите ветуваа дека кога ќе завршам ќе ме вработат, ама кога дојде време за вработување, велат не може. Најмногу ме погодува кога прашуваат кај сум завршил факултет. Ми велат зошто барам работа во државна администрација. Па јас имам завршено факултет, ако ми се укаже прилика зошто да не работам за тоа што сум студирал. Многу ветуваа, но не го исполнија ветувањето дека ќе помогнат за моето вработување“, вели Дритон.

    Во битката Дритон да најде вработување најмногу е вклучен неговиот татко Аки. Додека работел во „Југохром“ било полесно, но откако станал стечаен работник, семејната состојба многу се променила. Семејството се издржува од малку земја што ја има, па затоа многу му значи Дритон да добие некоја работа, пред сé за него самиот, да се осамостои, да почне свој самостоен живот како и секој млад човек. Во овие 5 години тропнал на многу врати, добил многу ветувања дека неговиот син ќе биде вработен, но сé останало само на збор.

    „Сум се обратил во Министерството за труд и социјална политика и кај сопственици на приватни фирми, но ништо од тоа, само ветувања без резултати. Се обратив и до Општина Јегуновце, каде спаѓа нашето село Прељубиште. Според завршеното образование, Дритон таму би можел да обавува некоја работа. Ми ветуваше сегашниот градоначалник дека нешто ќе најдат за него, но на крај добив одговор дека нема средства за вработување во Општината. Мене, а посебно на Дритон, многу би ни значело тој да се вработи, па макар тоа било и портир на врата во некоја институција. Мислам дека не сакаат да го вработат затоа што е лице со попреченост оти мислат дека е неспособен за работа“, вели Аки Фетаи.

    Од Центарот за вработување во Тетово велат дека за вработување на лицата со попреченост има посебните услови и погодности за вработување кои се уредени со Законот за вработување на инвалидни лица и Правилникот за критериумите и начинот на доделување на средствата од Посебниот фонд за обезбедување на услови за вработување и работење на инвалидните лица.

    „Да, запознаен сум со оваа програма, но што да работам? Занает немам, да отворам продавница овде во село Прељубиште, па овде повеќе од половината жители ги нема, што и кому да продавам?“, вели Дритон.

    Сега, во часовите кога не е на нива да му помага на татко му, Дритон најмногу сака да вози велосипед. Вози до соседните села Шемшово, Јанчиште, Јегуновце. Таму сите го знаат, има и свои другари. Не губи надеж дека еден ден и тој ќе се вработи и ќе придонесува за општеството и за себе. На крајот од оваа средба Дритон ни кажа, „Само новинари ме прашуваат како сум, имам ли најдено работа, дали имам начин за егзистенција,  никој друг“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира