Нивото на Охридското Езеро веќе подолг период е видливо намалено. Во моментот е на само шест сантиметри до минималната кота од 693,10 м.н.в. и изнесува 693,16 м.н.в. Драстичното намалување на нивото на Охридското Езеро, неговото спуштање под природниот минимум од 693.17 м.н.в. и опасното приближување кон минималната кота е поради природните неповолни хидролошки услови, но и поради искористување на водата за производство на електрична енергија.
„Декларирано како ‘акумулација’ за производство на електрична енергија во 1956, со Спогодба склучена помеѓу тогашната Југославија и соседна Албанија, веројатно како најсоодветно решение во тоа време, Езерото е изложено на засилен антропоген притисок, притоа не помислувајќи на далекусежните последици врз целокупниот екосистем“, вели директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, д-р Орхидеја Тасевска, научнa советничка.
Од Хидробиолошкиот завод – Охрид со децении предупредуват и укажуваат на последиците од променливиот водостој врз водните живеалишта и живиот свет во нив, и бараат итно преземање на мерки за решавање на настанатите проблеми. Оттаму велат дека управувањето со испустот на вода од Охридското Езеро за потребите на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) треба да биде регулирано од посебно тело кое има сеопфатни сознанија како и изградба на софистициран регулаторен механизам кој ќе ги следи хидролошките услови во регионот.
„Проблемот со нерегулираниот истек на водата преку Црн Дрим остана нерешен. Привремениот регулациски објект, поставен како регулатор на истекот на водата од езерото, уште од 1970-тите од минатиот век е дефиниран како нефункционален и како императив е посочена изградба на софистициран регулаторен механизам кој нема да се активира по нечија желба или потреба, туку ќе ги следи хидролошките услови во регионот. Следствено на тоа, таквиот софистициран систем ќе овозможи строго искористување на само 65 см воден столб помеѓу досегашните утврдени коти од 693.10 м.н.в. до 693.75 м.н.в, но без силни, агресивни осцилации. Дополнително на тоа да се формира и надзорно тело за регулаторниот систем“, вели д-р Тасевска.
Таа смета дека во услови на климатски промени, но и интензивно искористување на водата за производство на електрична енергија, потребно е да се направи опсежна студија со која би се ажурирале котите, како и донесување на План за управување со Охридско Езеро за да се обезбеди стабилно ниво на водата во Езерото, како придобивка плус во заштита на екосистемот.
Од ЕСМ велат дека ја одржуваат котата на Охридско Езеро на просечно ниво согласно водостопанската дозвола. Истекот на вода зависел и од временските услови и нивото на вода на Езерото. Деновиве, поради сушниот период и намаленото ниво на Езерото, крената беше само една од дрвените талпи.
Оттаму, извори за САКАМДАКАЖАМ.МК кои сакаат да останат анонимни оти не се овластени за коментар, велат дека единствена причина поради која нема нов софистициран систен за испуст на вода се финансиите.
„Досега во годишниот план за јавна набавка никогаш не е ставено поставување на компактабилен регулационен затворач преку кој би можело да се дозира протокот низ него, односно да се дозира водата која се пропушта низ Дрим. Поради тоа што одржуваме ниска цена на електричната енергија, поради социјална сигурност, последните 4-5 години работиме со минус, а набавка на еден ваков систем би чинело 5, 6, 7 па можеби и 15 милиони евра“, кажа нашиот извор.
Според него, ваква реализација би требало да се направи во сработка со општините, а самата регулација би била контролирана од страна на експертите од Хидробиолошкиот завод кои доколу се ревидира спогодбата можат да утврдат нови коти кои нема да влијаат врз работата на ЕСМ.
Еколошките активисти сметаат дека моменталните врнежи нема да ја вратат сликата со вообичаените максимални вредности за овој период од годината. Бараат итно ревидирање на Спогодбата од 1956 согласно најновите меѓународни регулативи поврзани со искористување на прекугранични водни екосистеми и итна експертска дискусија, особено кога се работи за водни ресурси кои претставуваат светско природно наследство.
Велат дека е потребно да се направи современ испуст на вода преку реката Црн Дрим во Струга од каде се полнат хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
Сега испустот на Дрим е преку дрвени талпи кои служат како регулатори на нивото на Езерото.
„Единствено решение е да се изгради еден софистициран регулаторен систем на истекот на Езерото преку Дрим. Со ваквата состојба сега, поради големите осцилации, доаѓа до кристализација на фрескоживописот во крајбрежните цркви, умирање на растителниот и на животинскиот свет, се намалува квалитатот на езерската вода, а можни се и други негативни последици“, вели екологистот Ѓоко Зороски.
Според него, Охридското Езеро со сета негова универзална вредност не заслужува да биде акумулација за производство на електрична енергија.
Во 2023 , Охридското Езеро учествувало со 3,65% од вкупното домашно производство на електрична енергија на АД ЕСМ. Во 2024 заклучно со септември, Охридското Езеро учествувало со 2,86% од вкупното домашно произвдство на електрична енергија.
С. ВРЕНЦОВСКА