Министерството за здравство не ги ослободи пациентите со механичка потпора на срце од партиципација за здравствените услуги. По тригодишните преговори и надежи дека нема да плаќаат за прегледи и лекување, здравствените власти сè уште немаат слух за нивните проблеми. Пациентите добиваат само ветувања, но не и ослободување од партиципацијата која за смена на една батерија ги чини 100 евра, а исто толку трошок имаат и за каблите кои им го поврзува срцето со уредот, а кои по неколку години користење се оштетуваат.
Од Здружението на пациенти со механичка потпора на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“ велат дека дека се разочарани оти трошоците за лекување се големи, а повеќето од пациентите поради болеста се спречени редовно да одат на работа.
„Трошоците се преголеми дури и за оние кои се добро ситуирани, а во нашето здружение ниту еден не е така добро ситуиран да може да ги поднесе тие трошоци. За жал сè што беше ветено претходно е заборавено, не е остварено. Добиваме впечаток дека во оваа држава сè се ветува, а ништо не се остварува. Многу полесно им е да сменат кадат отколку да го исполнат ветеното“, вели Васко Јолески, претседател на Здружението „Храбро срце“
Јолески додава дека се работи за околу 15 пациенти што за државата и не е така голем трошок. Вели дека ќе бараат повторна средба со новиот министер за здравство Фатмир Меџити.
„Не е голем трошок за буџетот на државата, односно не е ниту забележителен, бидејќи нашите прегледи не се толку чести. Тие батерии,тие уреди нас ни значат живот и доколку тие запрат ние не би можеле да живееме. Затоа треба надлежните озбилно да ја сфатат работата и сериозно да пристапат кон решавање на проблемот“, вели тој.
За трансплантација на срце кај пациентите со механичка поддршка потребна е и државна логистичка поддршка и искуство од стручни лекари надвор од државата.
„Тој лекар би требало да е тука во рок од 4 часа кога би имале потенцијален сроден донор. Тоа би можело да се изведе само со чартер-лет или со хеликоптерска поддршка на Центарот за справување со кризи или армискиот хеликоптер. Значи сето тоа е изводливо само доколку државата ни излезе во пресрет“, вели Јолески.
С. ВРЕНЦОВСКА