Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца соизвршители на продолжено кривично дело Тешка кражба од член 236 став 4 од Кривичниот законик.
За период од околу два и пол месеци, од февруари до крајот на април годинава, двајцата осомничени жители на Ресен во повеќе наврати насилно влегувале во објекти од цврста градба на железничката делница од пругата „Поранешно Фринко“ до селото Кремница, кои служеле за команда на светлосна и звучна сигнализација за железничкиот сообраќај. Кршејќи ги решетките од долниот дел на вратите со кои биле обезбедени вкупно 8 објекти сопственост на оштетеното Јавно претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Македонија – Скопје, осомничените демонтирале и одзеле вкупно 58 акумулатори со различна јачина, со што ја загрозиле сигурноста на железничкиот сообраќај.
Потоа, двајцата осомничени ги продавале украдените акумулатори како отпадно железо.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од влијание врз сведоци во постапката, како и можност осомничените да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА