Двајца млади пациенти на дијализа ќе добијат бубрег од починат дарител, чие семејство вчера попладне даде согласност за донација на органите. Во наредните денови следуваат и трансплантации на коскени ткива кај пациенти кои се лекуваат на Клиниката за ортопедијa, соопштија од Министерството за здравство.
Националната координаторка Маја Мојсова-Мијовска, болничките координатори и екипите од Клиниката за неврохирургија, трансфузиологија, нефрологија, кардиологија и хируршките клиники за урологија и ортопедија, КАРИЛ и Рендген институтот викендов ја прават третата трансплантација од почетокот на годината.
„Благодарност до семејството на пациентката, особено до нејзината млада ќерка, чија храброст, хуманост и добрина донесоа ден полн надеж и живот за најмалку двајца пациенти. Уште еднаш, големо сочувство за нивната загуба и благодарност за нивната хуманост”, соопштија од Министерството за здравство.
Ж. ЗДРАВКОВСКА