ДВАЈЦА ЖИТЕЛИ НА ДРЕНОВО СЕ ЖРТВИТЕ НА СООБРАЌАЈКАТА НА ПАТОТ ПРИЛЕП-ГРАДСКО, МЕЃУ ПОВРЕДЕНИТЕ ИМА И БЛИСКИ РОДНИНИ НА ПОЧИНАТИТЕ

    ДВАЈЦА ЖИТЕЛИ НА ДРЕНОВО СЕ ЖРТВИТЕ НА СООБРАЌАЈКАТА НА ПАТОТ ПРИЛЕП-ГРАДСКО, МЕЃУ ПОВРЕДЕНИТЕ ИМА И БЛИСКИ РОДНИНИ НА ПОЧИНАТИТЕОд Основното јавно обвинителство соопштија дека до несреќата дошло при претекнување и судир на два автомобила кои се движеле во иста насока (Фото: СДК.МК)

    Двете жртви од вчерашната сообраќајна несреќа која се случи на патот Прилеп-Градско се жители на кавадаречкото село Дреново. Од СВР Битола соопштија дека се работи за Ѓ. П. (35), кој управувал со едно од возилата кое учествувало во судирот и Б. П. (56), сопатник во автомобилот.

    Сообраќајката се случи вчера во 16:40 часот на магистралниот пат Градско-Прилеп кај село Радобил, Прилепско, пред приклучувањето на експресниот пат за Велес. Во неа учествуваа патничко возило „киа“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од О. О. (31) од с. Тополница, Радовишко и патничко возило „фолксваген пасат“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Ѓ. П. од Дреново.

    Од Основното јавно обвинителство соопштија дека до несреќата дошло при претекнување и судир на два автомобила кои се движеле во иста насока. Лекар констатирал смрт кај двете лица, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција.

    Со тешки телесни повреди се здобиле возачот на „киа“ и неговиот сопатник С. О. (24) од Тополница, како и сопатниците од другото возило Н. П. (28), Т. П. (53) и С. П. (31), сите од Дреново, констатирани во Градската болница во Прилеп и Општата болница во Кавадарци. Меѓу повредените има и роднини на еден од починатите.

    Јавниот обвинител нареди сообраќајно и машинско вештачење на автомобилите. Кај преживеаниот возач ќе биде испитано евентуално присуство на алкохол и други супстанци. Се преземаат дејствија за утврдување на причините за несреќата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира