Плати за вработените во Јавното претпријатие (ЈП) „Национални шуми“ нема, но затоа пари има за нови службени возила и за 450 нови вработувања, беше кажано на денешната прес-конференција на Синдикатот. Две илјади вработени стапија во штрајк, бидејќи немаат земно плата за јануари, а се приближува рокот за исплата и на февруарската.
„Последната плата која ја добија вработените беше декемвриската и таа е намалена линеарно за 6.800 денари, кои деновиве биле доплатени. Недостоинствено е во услови на секојдневно зголемување на трошоците на живот, вработените да не добиваат плата. Барањата не се само исплата на плата, туку и исплата на теренски надоместоци за повеќе месеци. Ако раководството не може да исплати плата нека поднесе одговорност и оставка“, кажа Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Штрајкот на вработените се одвива во работните простории. Странките кои доаѓаа во Шумското стопанство „Бабуна“ во Велес беа вратени без можност да ја завршат нивната потреба, со образложение дека е штрајк во текот на целиот работен ден, до 7 до 15ч. Пред три седмици, кога претставници на ССМ биле на разговор со раководството на „Национални шуми“, било ветено дека плата ќе биде исплатена следниот ден. Оттогаш минале 20 дена, но плата нема.
„Раководството на ‘Национални шуми’ секој пат има изговор за неисплатените плати. Изговор е дека чекале позјамица, пари кои треба да ги враќаат овие колешки и колеги или финансиска инјекција од Владата. Ако веќе некој е менаџер на ЈП треба да биде способен да вработените да им исплати плата. Пред некое време ова ЈП имаше тендер за набавка на службени возила, а платата не е исплатена. Неодамна се вработија 450 лица, а лицата кои до бргу одеа во партија и бараа работеа, сега доаѓаат во синдикат и бараа плата“, додаде Трендафилов.
Состојбите со ЈП „Национални шуми“, претходно „Македонски шуми“, се повторуваат. Пред десетина години беше исто така во финансиска криза, па имаше штрајкови. А во ова ЈП се повторува масовно вработување на стотици лица, на одреден број години.
П. ПЕЧКОВ