ДВЕ МЕЧКИ ОД СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА ЗАМИНАА ВО РЕЗЕРВАТ ВО ШВАЈЦАРИЈА

    ДВЕ МЕЧКИ ОД СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА ЗАМИНАА ВО РЕЗЕРВАТ ВО ШВАЈЦАРИЈАВо Зоолошката имаше 4 мечки и бидејќи немаше доволен простор за сите, се работеше две од нив да заминат во резерват. (Фото: Зоо)

    Две мечки од скопската Зоолошка градинка заминаа во резерват во Швајцарија. Бидејќи во градината нема доволен и соодветен простор за четирите мечки кои се жители, тимот на Зоолошка веќе извесен период заедно со Светската организација за заштита на животни ‘Четири шепи“ работеше две од нив да заминат да живеат во резерват.

    Живеалиштето за мечки во нашата зоолошка е едно од постарите, а мечињата кои живеат тука уште од мали се донесени овде бидејќи останале без мајки поради човечки фактор и недозволен лов. Во недостиг на резерват за мечки во државата, секогаш тимот на  ЗОО Скопје пробува да помогне на што повеќе мечки, но како што велат, градината нема доволно простор за сите.

    „Во живеалиштето за мечките, до средата  живееа четири мечки во три посебни делови. Бим и Бум во заеднички дел, а братот и сестрата кои имаат по 18 години во две посебни живеалишта. Не беше возможно да се направи реконструкција на живеалиштата, ниту пак редовно да се средуваат поради тоа што немаше начин ниту простор да се спојат сите четири мечиња. Во разговор со нашите соработници од ‘Четири шепи‘ дојдовме до заедничко решение кое е хумано за сите четири мечки-братот и сестрата да заминат во преубавиот Ароса парк, а Бим и Бум да добијат три пати  поголем простор и реновирано живеалиште по светски стандарди кое ќе го правиме со експертиза на ‘Четири шепи‘ и искуствата од нивните резервати за мечки кои ги имаат низ Европа“, велат од скопската Зоолошка градина.

    Мечките патуваа до Швајцарија со комбе заедно со тимови од организацијата „Четири шепи“ и веќе се пристигнати во резерватот и се привикнуваат на новото место за живот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира