На паркингот кај скопското Зелено пазарче со кој стопанисува ЈП „Паркинзи Општина Центар“ од денска се поставени двојни рампи. Новиот начин за регулирање на влезот и излезот од паркингот е воведен бидејќи поголем дел од корисниците не плаќале за паркирање. Пазарџиите влегувале и излегувале од паркингот користејќи го краткото време кога рампата е дигната за друго возило. Со тоа паркингот цел ден е преполн со камиони и комбиња на пазарџиите, се зафаќаат паркинг места, а за тоа не плаќаат.
„Заради секојдневната злоупотреба на досегашниот систем и бројните жалби и поплаки од граѓаните, го воведовме системот со двојни рампи со цел да се постави ред и контрола и да се добие подобра организација на ова паркиралиште. Во наредниот период ќе воведеме и систем за препознавање на регистарски таблички на сите затворени паркиралишта. Ќе го редуцираме бројот на часови на гостинската карта (М-карта), односно од 8 наутро до 17 часот бројот на часови за најава на гости ќе се ограничи на 2 часа, а по 17 часот ќе биде неограничено“, вели директорот на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ Васко Кичевски.
Исто така на паркинзите на ПОЦ ќе се ограничи пристапот на комбињата за дотур на роба, односно ќе им овозможи бесплатен пристап од 5 до 7 часот, во спротивно да ја плаќаат редовната цена за паркинг за 1 час. Кичевски вели дека овие мерки значително ќе помогнат во решавање на проблемот со паркирањето на сите затворени паркиралишта и ќе им овозможат на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните живеалишта.
А. АНТЕВСКА