Само за една недела, нивото на реката Брегалница во Штип е двојно зголемено. На последната мерна станица во штипската населба Ново Село денеска е измерено ниво од 1, 80 метри, со тенденција на понатамошно зголемување. Поради утринските врнежи од дожд, се очекува водостојот до крајот на денот да достигне речиси 2 метри.
Брегалница, која извира во Пехчево и тече низ Берово, Калиманци и Штип, пред да се влее во Вардар, има вкупна должина од 225 километри. Штип е последната населба низ која поминува реката пред нејзиното вливање во Вардар.
Штипјанецот Кире Меџунаров, кој живее во близина на мерната станица, вели дека внимателно ја следи состојбата и очекува натамошно зголемување на нивото, но се надева дека нема да се повторат поплавите од 2013, кога Брегалница достигна рекордни 4, 13 метри.
„На 19 јануари годинава, кога се фрлаше крстот во реката, нивото беше речиси еден метар. Денес, за само една недела, се искачи на речиси 2 метри“, вели Меџунаров.
Општинските служби во Штип се во зголемена приправност и веќе преземаат превентивни мерки. Градоначалникот Иван Јорданов рече дека состојбата постојано се следи и дека се договара набавка на вреќи со песок, кои по потреба ќе бидат поставени како насипи на критичните точки каде што може да дојде до излевање на реката.
Мобилизирани се и останатите општини долж текот на Брегалница. Во Општина Берово состојбата засега е стабилна, вели градоначалникот Петар Ружински.
„Коритото на реката во градот е регулирано. Помали проблеми се јавуваат кај селото Будинарци, каде што коритото е потесно, но таму службите на водостопанското претпријатие се на терен и интервенираат каде што има потреба“, вели Ружински.
И во Делчево, според градоначалникот Иван Гоцевски, нивото на Брегалница е стабилно благодарение на регулираното и широко корито кое овозможува проток на поголеми количини вода.
„Одредени проблеми имавме на Звегорска Река, но општинските служби веднаш интервенираа со механизација и расчистување на теренот“, рече Гоцевски.
Нивото на Брегалница во нејзиниот долен тек во голема мера зависи и од состојбата на акумулацијата „Калиманци“. Според раководителот на Водостопанство „Брегалница“ Кочани, Горанчо Зашов, браната моментално располага со 85 милиони кубни метри вода и има капацитет да акумулира уште околу 30 милиони кубни метри.
„Извршивме контролирано испуштање од 130 кубни метри вода во секунда и засега состојбата во акумулацијата е стабилна. По истекот на водите од Кочанска, Злетовска и Оризарска Река, ќе биде пуштена во погон и хидроелектраната ‘Калиманци’“, вели Зашов.
Т. ЈОВАНОВСКИ



