По безмалку еден месец од големиот помор на риба во реката Тополка, институциите немаат одговор кој е сторителот. Уште на лице место, при вршењето на увидот, државниот инспектор за животна средина кажа сите информации за овој случај да се бараат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес. Но во одговорот од ОЈО Велес на нашето прашање нема детали за можен сторител.
„Во однос на настанот, постапката е во тек. Изготвен е записник од Инспекторатот за животна средина, а издадена е наредба за соодветни анализи од Факултетот за ветеринарна медицина по која се постапува“, велат од ОЈО Велес.
На лице место при поморот на рибите на Тополка имаше претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), надлежна лабораторија зема мостри од реката од две локации. Инцидентот се случи на 19 јуни, а поморот бил регистиран рано утрото од рибари, во близина на локацијата на Затворот кај Оризари.
Еко-активистите реагираат на ваквиот систем на објава на информациите за можните сторители, кој досега не беше вака поставен.
„Одложување, незаинтересираност, бирократски лавиринти ја оставаат животната среди како жртва, а граѓаните како неми сведоци на сопственото труење. Наназад 8-9 месеци активно информираме, алармираме, де за уништувањето на Езерото Младост, де за Вардар, Бабуна. Еве сега за поморот во Тополка, каде не видовме конкретна постапка со конкретно решение или казнување на сторителот на загадувањето. Сѐ се сведува на празни фрази, караванот си врви…“, вели Стеве Дечевеко, активист од Фондацијата „Импакт“.
Од ОЈО Велес соопштија дека за сторителот на поморот на риба во реката Вардар, на 28 јули лани, донесено е Решение дека не се презема кривично гонење, бидејќи осомничениот ја надоместил причинетата штета на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Државниот инспекторат за животна средина тогаш соопшти дека „хаваријата се случила кога течното ѓубриво без дозвола складирано во лагуна, за која немало дозвола, истекло во соседните парцели и во реката Вардар. Согласно Законот за животна средина, за овој прекршок од трета категорија е предвидена санкција од 110 до 120 илјади евра“. Сторителот „Вардар Био процес“ во преговори, медијација со Министеството за животна средина, што е во согласност на законската регулатива, платил казна од 18.000 евра.
П. ПЕЧКОВ