Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата за Фатон Љури (25) од Скопје, обвинет за тешка сообраќајна несреќа што се случи на 1 јули годинава, во која со мотоцикл го прегази пешакот Југослав Николовски (68), кој подоцна почина од добиените повреди. Обвинетиот Љури, кој претходно ја призна вината, судот го огласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од 11 години. Тој останува во притвор до правосилноста на пресудата.
Сообраќајната несреќа се случи околу 20 часот, на кејот на Вардар, кај Паркот на Франкофонијата во Скопје, кога Николовски излегол од својот дом за да фрли отпад.
Со одлука на петчлениот Кривичен совет при Основниот кривичен суд Скопје, Љури е осуден за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2, во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена минимална казна од четири години затвор. Пресудата не е правосилна.
Како отежнителни околности, судот го ценел фактот што обвинетиот возел мотоцикл марка „кавасаки“ без возачка дозвола, се движел по пешачка патека на улицата Јордан Хаџи Константинов-Џинот и возел со неприспособена брзина на условите на патот. Судот ја земал предвид и претходната пресуда од времето на пандемијата, кога Љури бил осуден за кривичното дело Непостапување по здравствени прописи во време на пандемија.
Според обвинението, иако брзината на мотоциклот изнесувала околу 35 километри на час, што е помала од максимално дозволената во населено место, на таа локација таа била поголема од дозволената безбедна брзина, имајќи предвид дека станува збор за пешачка патека, на која мотоциклот можел единствено да се турка, а не да се управува. Поради тоа, обвинетиот не успеал навреме да запре и удрил во пешакот Николовски.
При ударот, телесни повреди добиле пешакот и сопатникот на мотоциклот, по што обвинетиот го оставил мотоциклот и без да им укаже помош побегнал од местото на несреќата. Тешко повредениот пешак бил пренесен на Ургентниот центар во Скопје, каде што подоцна починал, додека сопатникот добил телесни повреди.
Како последица на трагедијата, поради силната душевна болка, една од ќерките на починатиот го загубила своето бебе во третиот месец од бременоста. Партнерката на Љури, со која живеел три години во вонбрачна заедница, по несреќата, но и по друга трагедија во која загинал нејзиниот брат, доживеала сериозни психички проблеми.
На Љури му се суди и за кривичното дело неукажување помош на повредено лице во сообраќајна несреќа, кое тој не го призна. За овој предмет судската постапка продолжува.
П. ПЕЧКОВ



