ЕДНА ОД НАЈДОХОДОВНИТЕ ГРАНКИ ВО МАКЕДОНИЈА – РУДАРСТВОТО ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВОЈОТ ДЕН 28 АВГУСТ, СО РУДНИЦИТЕ СТОПАНИСУВААТ СТРАНСКИ КОМПАНИИ КОИ ВРАБОТУВААТ ОКОЛУ 2.200 ЛИЦА

    ЕДНА ОД НАЈДОХОДОВНИТЕ ГРАНКИ ВО МАКЕДОНИЈА – РУДАРСТВОТО ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВОЈОТ ДЕН 28 АВГУСТ, СО РУДНИЦИТЕ СТОПАНИСУВААТ СТРАНСКИ КОМПАНИИ КОИ ВРАБОТУВААТ ОКОЛУ 2.200 ЛИЦАСо отворањето на рудникот Боров Дол векот на рудникот Бучим и на рударството во овој регион е продолжено најмалку до 2030 година, но со докажаните резерви на руда оваа доходовна гранка има подолга перспектива. ( Фото: СДК.МК )

    Една од водечките стопански гранки во Македонија отсекогаш била и сè уште е рударството. Уште во првите години од своето дамнешно постоење, рударството доживувало огромен развој и секогаш во државата била и е главна домашна извозна гранка со најголем профит.

    Порано, но и во последните 30 години рударството доживеа разни трансформации и низа падови во производството. Се случуваа затворање на рудниците, отпуштање на рударите , приватизации и илјадници турболенции во нивното понатамошно работење.

    Во главните македонски рудници за олово, цинк, бакар, железо, злато и други благородни метали влегоа странски компании кои го држат приматот во државата. Сите рудници кои денес егзистираат кај нас го одбележуваат Денот на рударите, освен во Македонска Каменица каде поради тридневната жалост поради смртта на 13-годишно момче кое загина во сообраќајна несреќа Денот на рударите се одбележува само работно, со редовно извршување на работните обврски. Сепак, рударите се присетуваат и на минатото.

    Во 1929 година рударите од рудникот Лојане кај Куманово излегле на масовен протест поради ниските плати и лоѓите услови за работа со што овој ден подоцна е земен за Ден на рударите, односно на рударството во Македонија.

    Рудникот Лојане денес не постои затоа што се затвори. Во 2017 година имаше обид да продолжи со работа, но сето тоа беше неуспешно зашто овој рудник според мислењето на стручњаците имал кратка перспектива, а од друга страна месното население се побунило според нив на тивкото труење од јаловината што останала во нивното подрачје.

    Турската компанија „Калтун Челик“ доби концесија до крајот на 2024 година да ги извади тешките метали од почвата, да направат реанимација на почвата и да ја вратат во состојба пред експлоатација на рудата.

    Но, денес останатите рудници во Македонија, посебно на истокот со успех работат како што се Саса, Злетово-Тораница и Бучим со Боров Дол и им посветуваат внимание на своите вработени. Вкупно ги има 2.200 вработени.

    По повод Денот на рударите 28 август, рудникот Саса уште на 20 август на сите 705 вработени додели парични награди и подароци, а 112 вработени претежно јамски работници добија специјални парични награди. Вработените во овој рудник на 1 јули оваа година добија и дополнителни 4.300 денари зголемување на платата со што просечната плата во Саса е 80 проценти повисока од просечната плата во државата.

    Рудникот за олово и цинк Саса е најголемиот подземен рудник во Македонија. Од ноември 2017 година е во рамките на компанијата „Централ Азија Металс“ која котира на Лондонската берза. Оваа компанија годишно ископува 825.000 тони руда, а се произведуваат 30.000 тони олово и 23.500 тони цинк во форма на метален концентрат што се извезува во ЕУ.

    Според информациите од  компанијата, годишниот приход изнесува околу 100 милиони долари. Од 2017 година кога компанијата влегла во Македонска Каменица инвестирала 30 милиони долари во набавка на рударска опрема и во унапредувањето на безбедноста. Веќе биле одобрени дополнителни инвестиции од 25 милиони долари за набавка на најнова опрема и технологија за откопување на руда. Годишно со вложуваат околу 300.000 долари за разни значајни области за животот и просперитетот на локалната заедница во Македонска Каменица.

    Истовремено Рудникот Саса во чест на Денот на рударите донираше на градот 120.000 долари за изградба на нов парк во Македонска Каменица. Паркот веќе е во функција, а изградбата започна на 12 јуни оваа година кога се одбележаа 15 години од рестартирањето на рудникот.

    Пригодна програма со повеќе програмски културно-уметнички , музички и спортски содржини има во Пробиштип, еден од најстарите рударски градови во Македонија кој исто така ги награди најдобрите работници и најдобрите рудари со посебни награди и признанија.

    Концесионер на Злетовските рудници Добрево во Пробиштип и Тораница во Крива Паланка е компанијата „Булмак 2016“ која е дел од „Минстрој Холдинг АД “ од Бугарија која е специјализирана за производство и трговија со лесни и тешки метали и за изградба на објекти од оваа област.

    Како што дознаваме, оваа компанија за експлоатација на рудата од Злетово и Тораница по преземањето на рудниците од претходната компанија од Индија располага со концесија од 30 години. Во најновото соопштение од компанијата, веќе изминатите шест години од концесијата „Булмак“ успешно ги рестартирал и двата рудника со континуирани инвестиции, најмногу во човечките ресурси и нивните услови за работа и безбедност.

    Денес овие рудници имаат 800 вработени кои реализирале производство од 440.000 тони ископана руда во 2021 година. Во овој период инвестициите изнесувале 7 милиони евра.

    Покрај проектот за нов рударски подземен хоризонт во Добрево, започнат е проект за подземно поврзување со наоѓалиштето Плавица кон Кратово. Истовремено биле набавени современи пумпи за испумпување на водите од јамите, а е инсталирана пумпна станица за повратна вода од јаловишната депонија кон флотацијата, потребна за самиот процес на преработка.

    Награди и признанија за Денот на рударите добија и вработените во рудникот Бучим. Но, денеска управата на рудникот ги информира вработените и јавноста дека од првите септември 2022 година се прекинува производствениот процес заради реализирање на идните инвестициски зафати за модернизација и за инвестициско вложување во обновливи извори на енергија, како два важни и неопходни капитални проекти.

    Ќе се изврши целосна замена на флотомашините со нова опрема која што е дизајнирана и изработена од светски реномираната компанија Метсо Овтотек . Со тоа рудникот Бучим и Боров Дол ќе има најсофистицирана опрема за обработка на бакарна руда и производство на бакарен концетрат. Со изградба на фотонапонска централа ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија. Активностите во рамките на овој проект биле започнати уште на почетокот од оваа година.

    „За време на реализирањето на овие капитални инвестиции ќе се продолжи со континуирани геолошки истражувања, а за време привремениот прекин на производството вработените ќе бидат платени согласно законските прописи при што дел од вработените ќе бидат задолжени за тековното одржување на опремата, а останатите вработени дополнително ќе се ангажираат во зависност од потребите“ се вели во соопштението од рудникот Бучим.

    Според информативните служби на рудникот, до 2000 година рудникот работи во сопственост на државата, а потоа во рамки на приватна компанија која брзо банкротирала и производството времено било запрено. Новата ера на Бучим започнува во 2005 година кога руската компанија „Солвеј Инвестмент Груп“ го презема рудникот победувајќи на меѓународен тендер. Новата компанија комплетно ја поправа, заменува и дополнува опремата за рударството и обезбедува долгорочна иднина на рудникот, иако од овој рудник се ископува една од најсиромашните руди на бакар во светот чија содржина на бакарот е само 0,12 до 0,25 проценти.

    Рудникот произведува бакарен концентрат кој содржи бакар и злато . Годишно се обработуваат над 4,5 милиони тони руда од која се добиваат 40.000 тони бакарен концетрат со бакар и злато. Со 650 вработени рудникот е најголемиот локален работодавец во регионот и како што велат од рудникот компанијата целосно е посветена на своите социјални и еколошки одговорности. За опремување и модернизација на технолошкиот процес компанијата инвестирала 78 милиони евра.

    Во рамките на рудникот Бучим пред неколку години почна да работи и рудникот Боров Дол кој како проект всушност го продолжува векот на Бучим најмалку до 2030 година. Но, стручњаците од компанијата сметаат дека ова рудно тело содржи докажани резерви од околу 40 милиони тони руда бакар и злато што значи векот може многу лесно да се пролонгира за нови 30-40 години.

    Трите рудници одлично соработуваат со Универзитетот „ Гоце Делчев “ во Штип од каде црпат образовни и стручни кадри па заради тоа ги помагаат студентите и со стипендирање. Повеќе професори од Универзитетот имплементираат проекти за заштитата на вработените во рудниците и во подобрувањето на еколошката безбедност.

    Така, како што вели проф. Зоран Десподов декан на факултетот за природни и технички науки, во рудникот Саса по катастрофата што се случи со излевањето на јаловината пред неколку години се воведоа нови методи јаловината со специјална опрема во потврда состојба да се враќа во јамите за пополнување на шуплините што се создаваат со ископот на рудните блокови. Нешто слично се прави и со јаловината во рудниците Злетово. Во Бучим пак се вложени 12 милиони евра за изградба на фабрика за лужење и преработка на оксидираниот дел од јаловината и екстракција на резидуалниот бакар од отпадот што останал од претходните години со што значително е намалено влијанието врз животната средина.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира