Едно лице починало, а две лица се повредени по вооружената престрелка што се случи во четвртокот доцна попладне во тетовското село Мала Речица во близина на седиштето на ДУИ.
Локалната полиција соопшти дека на излезот од Тетово се приведени две лица за кои се сомнева дека се учесници во престрелката која се случила околу 18.30 часот.
Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски изјави дека двете уапсени лица не се од Тетово. Тој кажа и дека во Тетовската болница се пренесени две лица кои се повредени, најверојатно од прострелни рани од кои едно веднаш е префрлено на скопските универзитетски клиники.
Директорот на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими изјави дека во болницата биле донесени три повредени лица од кои едно е префрлено во Скопје.
Но, неофицијално дознаваме дека во престрелката се ранети 4 лица од кои едно починало. Сите ранети лица и починатиот како и тие што биле уапсени се од Куманово. Се шпекулира дека станува збор на пресметка на две ривалски групи од Куманово. Инцидентот се случил на раскрсница во Мала Речица на околу двеста до триста метри од седиштето на ДУИ.
З. АНДОНОВ