Табла со слика на девојче облечено во суктината на баба Велика стара 200 години, во Слоештица, селото на легендарниот писател Петре М. Андреевски, ќе ги предомислува несовесните минувачи да не фрлаат отпад во Бела Река. На таблата пишува „Едно време ја пиевме оваа вода!“ Таблата беше поставена денес на почетокот од еко акцијата за чистење на реките во Демир Хисар која е во организација на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт Гумно“ поддржана од кампањата „Не игнорирај, реагирај“, Општина Демир Хисар, невладини организации и екологисти.
„За жал, кога ќе ги прашате луѓето каде го фрлаат отпадот ќе ви речат в река, ‘пушти го по рекана нека оди удолу’. Тоа губре ни се враќа, климатските промени го покажаа тоа и болестите за кои еким не ноже да се најде. Рековме што да направиме, зашто знакот за забрането фрлање отпад некако не даваше резултати. Така ја ставивме оваа табла со Маријана Јоноска која беше кралица на модната ревија што се одржа во чест на скутината кога се правеше манифестацијата ‘Десет години славење на пирејот’ во чест на Петре М. Андтреевски. Кога луѓето ќе ја погледнат оваа табла се сеќаваат дека дома имаат такви носии, дека на времето пиеле вода од тука, па мислиме дека ќе делува да не фрлаат отпад“, рече Ирена Андреевска, иницијатор на акцијата за чистење на реките.
Од реченото корито на Бела Река која тече и покрај куќата на сега покојниот режисер Владо Цветановски, а на која има и летна сцена, па надолу низ селото и валавиците, екологистите извадија гуми, пластики, облека и друго ѓубре, па наполнија десетици вреќи со смет, кои потоа ги дигна камион на Комуналното претпријатие од Демир Хисар.
„Реките се премногу загадени и чудо е што сѐ уште можеме да ги најдеме пелагониската пастрмка и речниот рак. Ова е едно од потенцијалните подрачја за НАТУРА 2000 бидејќи сè уште имаме видови кои се ендемични за нашите краеви“, додаде Андреевска.
Во акцијата се вклучија и последните селани од Слоештица, но и иселени жители од Демир Хисар кои дојдоа да помогнат.
„Во минатото како дете, додека учев во демихисарскиот крај посоеше санитарен инспекор, се викаше Стојко. Беше многу висок и носеше една црна чанта. Кога ќе поминеше по селата Стојче на мешаните коските им се тресеа, да не случајно го извади тефтерчето и да запише некого. Тогаш беше беспрекорно чисто, реките беа чисти, имаше рипчиња, водата се пиеше, денес жално е што Бела Река е доведена во ваква состојба“, рече Гоце Димовски.
Наскоро, во Слоештица се очекува да се реновира и Домот на културата, каде ќе се опреми спомен соба на Петре М. Андреевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА