ЕКОЛОГИСТИ, ПРОФЕСОРИ И ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ПОДНЕСОА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА КОЖУФ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК

    ЕКОЛОГИСТИ, ПРОФЕСОРИ И ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ПОДНЕСОА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА КОЖУФ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРКЕкологистите се убедени дека со ваквата иницијатива ќе се стопира уништувањето на Кожуф (Фото: СДК.МК)

    Градоначалниците на Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, претставници на повеќе еколошки и планинарски здруженија и професори од Природно-математичкиот факултет во Скопје ставија потпис на иницијативата за прогласување на планината Кожуф за национален парк. Иницијативата е доставена до Министерството за животна средина и во неа се наведени значењето и потребата од прогласување на оваа планина за национален парк, за што граѓански организации и трите општини ќе пристапат кон изработување физибилити студија.

    „Со прогласувањето на Кожуф за национален парк нема само да се заштити природното богатство на планината, туку ќе се придонесе за развој на социо-економскиот живот на населението во овој регион. Ќе се отвори голем број работни места за управување со националниот парк, кој ќе придонесе за ревитализација на десетици напуштени села и за развој на селскиот туризам“, стои во иницијативата.

    Планината Кожуф со површина од 893 квадратни километри се простира на териториите на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија. Се смета за една од најубавите и најмоќни планини на југот на Македонија, која изобилува со флора и фауна. На Кожуф опстојуваат и рисот и растението Arbutus andrahn, во народот познато како „гол човек“, кое е заштитено со закон,

    Ангел Наков од еколошкото здружение „Спас за нас“ од Гевгелија смета дека Кожуф заслужува статус на национален парк. Според него, иако постапката е долга и бара пари, како активисти нема да се откажат од оваа иницијатива.

    „Сега се формира тело кое ќе ги координира сите активности околу изработката на студијата за валоризација на Кожуф како национален парк. Овој документ би требало да се работи во наредните три години и претставува основа. Нашата проценка е дека ова физибилити студија ќе чини околу 150.000 евра, но овој износ не би требало да биде проблем за општините и граѓанските организации во наредните три години. Свесни сме дека влегуваме во година на избори, но не се откажуваме. Верувам дека конечно и во источна Македонија ќе има национален парк“, ни изјави Наков.

    Екологистите се убедени дека со ваквата иницијатива ќе се стопира уништувањето на Кожуф, со оглед дека постојат корпоративни интереси за отворање рудник и за искористување на водниот потенцијал за производство на електрична енергија. Граѓанските активисти од Гевгелија изминатите години протестираа и се противеа на идејата за отворање рудник на Кожуф, за што се вршеа геолошки истражувања. Минатата година протестираа и против идејата за градење мала хидроцентрала на реката Дошница, барајќи од Владата да ја повлече одлуката за изградба на минихидроцентрали на Кожуф.

    На Кожуф се наоѓа и скијачки центар, кој во јули, по седум години стечај, беше продаден на скопска фирма. За 21,5 милиони денари беа продадени системот за правење стег, ски-лифтот, шестседната жичница, прва од тој тип на Балканот, возилата за поправка на скијачките патеки, ратраците и други возила.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира