ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ ДОЈДЕ НА ОТКРИВАЊЕТО НА СПОМЕНИКОТ АЛЕКСАНДАР ТУРУНЏЕВ ВО БИТОЛА

    ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ ДОЈДЕ НА ОТКРИВАЊЕТО НА СПОМЕНИКОТ АЛЕКСАНДАР ТУРУНЏЕВ ВО БИТОЛАПроектот за поставување на спомен-обележјето и изградба на кружниот тек беше идеја на Талески. (Фото: ТВ Тера)

    Споменикот на војводата Александар Турунџев, кој осум години стоеше во дворот на Општина Битола, синоќа беше свечено откриен на кружниот тек кај Ат-пазар, местото каде што бил погубен пред 120 години. На церемонијата присуствуваше и поранешниот градоначалник Владимир Талески, кој беше осуден на седумгодишна затворска казна за злоупотреби со превозот на ученици, а во чиј мандат беше инициран и набавен споменикот.

    Проектот за поставување на спомен-обележјето и изградба на кружниот тек беше идеја на Талески. Споменикот пристигна во Битола на 12 септември 2017 година, кон крајот на неговиот трет мандат и непосредно пред локалните избори на кои ВМРО-ДПМНЕ ја загуби власта во градот. Тогашната изјава на Талески беше дека споменикот ќе чини 25.000 евра, но новата локална власт предводена од СДСМ соопшти дека за него платила 49.000 евра.

    Општината организираше свечена церемонија со поворка низ улиците што го симболизираше погубувањето на Турунџев. (Фото: СДК.МК)

    Сегашната општинска администрација, предводена од градоначалникот Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ, го реализираше проектот. Кружниот тек беше изграден на крајот на 2023 година, а споменикот е поставен на 120-годишнината од смртта на војводата, но и на помалку од два месеци до следните локални избори.

    Општината организираше свечена церемонија со поворка низ улиците што го симболизираше погубувањето на Турунџев. На поставената сцена во близина на споменикот, правнуката на војводата, пејачката Сузана Турунџиева, ја изведе македонската химна, додека оперскиот пејач Игор Дурловски ја отпеа песната „Црно му било пишано“.

    Споменикот го открија градоначалникот Коњановски и потомците од семејството на војводата, во присуство на голем број граѓани и гости.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира