Силниот звук што го предизвикуваат експлозиите на петардите и другите пиротехнички средства можат да создадат разни видови трауми кај децата со аутизам и други видови попреченост. Вознемиреност, агресија, страв, напади, испади се само дел од траумите што се среќаваат кај овие лица при секоја експлозија на пиротехниката, предупредуваат стручните лица. А токму во овој период пред новогодишните празници, кога употребата на пиротехниката е многу засилена, за лицата со попреченост е најтрауматичниот период од годината.
„Лицата со аутизам, како и лицата со потешкотии во развојот имаат потешкотии при процесирање на јаки сензорни дразби, како што се: аудитивни (ненадејна бука) или визуелни (силна светлина). Поради тоа, многу често и најмала таква стресна состојба кај нив може да предизвика бурна реакција. Најчести реакции на ваквите дразби се претерана нервоза, вознемиреност, страв. Силните сензорни дразби, доколку лицето има сензорни проблеми, ги доживуваат болно. Ваквите силни дразби многу често го менуваат нивното однесување“, објаснува дефектологот Милица Серафимовска.
Употребата на пиротехниката не им создава проблем само на лицата со попреченост, тој проблем го чувствуваат и родителите и семејствата на овие лица кои мораат да секојдневно да се справуваат со овој проблем.
„При вакви силни дразби, звучни или светлосни, некои лица реагираат со паничен страв, се јавува општа вознемиреност, плачење, агресивни и автоагресивни испади. Лицата ги затвораат ушите, се јавуваат и стереотипни движења, повторувачки фрази, нарушен сон, нарушена дневна рутина, која пак е многу значајна за функционирање на лицата со аутизам и сензорни пореметувања. Токму затоа за време на празниците лицата со аутизам најчесто се затворени дома, за да се заштитат од овие силни и непредвидливи дразби. Поради сето ова страдаат не само овие лица, страдаат и нивните семејства поради што новогодишните празници им стануваат ноќна мора и наместо празниците да носат радост во сечиј дом, во овие семејства носат солзи, повреди и користење на многу лекови за смирување“, вели дефектологот Серафимовска.
„Декември за нас е нај трауматичен период, а посебно последните денови од месецот и денот кога е дочекот на Нова Година. Силните експлозии предизвикуваат страв кај моето дете, вознемиреност. Се стресува при секој звук на експлозијата. Поради ова моравме да набавиме специјални штитници за уши кои ги носи речиси по цел ден, а посебно навечер, кога и најмногу се слушаат експлозиите од петардите. Но, по цел ден да седиш со штитници на ушите навистина не е пријатно“, вели родител на дете со церебрална парализа.
Во периодот пред новогодишните празници полицијата редовно апелира да не се користат пиротехнички материјали поради прекршување на законски одредби но и опасност од повреди. Во акциите што ги спроведува успева да заплени одредени количини пиротехнички средства но тоа е многу малку, па експлозиите од петарди се секојдневна појава во деновите пред празникот, а посебно на новогодишната ноќ.
Од полицијата предупредуваат дека продавањето, купувањето и активирањето на петарди и пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради и слично, претставува законски прекршок, за кој е предвидена глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Исто така, нивното набавување и дистрибуирање на пазарот во поголеми количини е спротивно на Кривичниот законик и за тоа дело казниво по член 396 е предвидена е казна затвор од 3 до 10 години.
З. АНДОНОВ