Експресно беше исчистена дивата депонија од употребени пелени и расфрлани во близина на Стрежевското Езеро, од каде Битола црпи вода за пиење. Откако вчера спортски риболовци ги објавија фотографиите од депонијата на социјалните мрежи, јавните претпријатија „Стрежево“ и „Комуналец“ до денес ја исчистија депонијата.
„Механизацијата на ‘Стрежево’ и ‘Комуналец’го исчистија исфрлениот комунален отпад. Известени се сите надлежни институции. Соработката меѓу спортските риболовци и ЈП ‘Стрежево’ продолжува и понатаму. Акумулацијата да биде бисер на Битола“, рече директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски.
Граматковски вчера рече дека не се работи за медицински отпад туку најверојатно за куќен отпад на семејство кое има постар болен човек и тука го фрлило пелените.
Од вештачката акумулација „Стрежево“ битолски „Водовод“ користи вода преку лето кога потрошувачката на вода се зголемува, а се намалува капацитетот на водоснабдување од други зафати. Преку годината ова е едно од омилените места за рекреација на спортските риболовци. Во близина на езерото има неколку села. Првпат се случува некој тука да исфрли пелени, а претходно имало случаи да се фрла градежен шут.
Ж. ЗДРАВКОВСКА