ЕЛЕМ НА СВОЈАТА ЌЕРКА ФИРМА ЕЛЕМ ТУРС НЕ Ѝ ДАВА СТРУЈА ЗА ЖИЧНИЦАТА НА ПОПОВА ШАПКА, ВЕЛАТ ОД ИНИЦИЈАТИВАТА „СПАС ЗА ПОПОВА ШАПКА“

    ЕЛЕМ НА СВОЈАТА ЌЕРКА ФИРМА ЕЛЕМ ТУРС НЕ Ѝ ДАВА СТРУЈА ЗА ЖИЧНИЦАТА НА ПОПОВА ШАПКА, ВЕЛАТ ОД ИНИЦИЈАТИВАТА „СПАС ЗА ПОПОВА ШАПКА“Изградбата на шестоседната жичница, најголема инвестиција на Попова Шапка во последниве неколку години, наместо да ги подобри условите за скијање, создаде дополнителни проблеми. - Попова Шапка (Фото: Зандон)

    Крајно е неизвесно каков ќе биде почетокот на претстојната зимска сезона на Попова Шапка. Хотелиерите, скијачките клубови и екологистите се многу загрижени од она што во овој момент се случува на овој наш најголем зимски туристички центар. Стравуваат дека е можно и целата зимска сезона да им пропадне.

    „Ние, хотелиерите од Попова Шапка многу сме загрижени за иднината на овој наш туристички центар и затоа бараме сега, во пред сезоната, Владата да ни каже што ќе биде со Попова Шапка. Секојдневно нѝ се јавуваат од туристичките агенции и бараат информации што ќе биде со Шапка, ќе се продава, нема да се продава, ќе се инвестира нешто или не, а ние ништо не знаеме што да им кажеме. Големи надежи вложувавме во изградбата на шестоседната жичарница но еве и после три години изградба, прашање е дали ќе профункционира оваа година“, вели Ашим Асани сопственик на хотелот „Скардус“ на Попова Шапка.

    Од ЕЛЕМ Турс, претпријатие кое стопанисува со скијачката инфраструктура на Попова Шапка како да дигнале раце од се и не преземаат никакви активности за одржување на опремата.

    „Во февруари годинава, додека сè уште траеше скијачката сезона, се расипа еден од главните лифтови и до сега тој не е поправен. Ако не се поправи до почетокот на оваа сезона тоа за нас хотелиерите ќе претставува фијаско. Тој ски лифт, двосед, најмногу го користеа скијачите почетници и сноубордерите. И како сега тие скијачи ќе дојдат до другите лифтови погоре, ќе одат пеш? Сигурно е дека ќе ја одбегнат Шапка и ќе одат во некој друг зимски центар“, се надоврзува на поплаките Жарко Неделковски кој стопанисува со хотелот „Тетекс-Арена“ на Попова Шапка.

    Најголемите проблеми на Попова Шапка се крајно лошата инфраструктура со раскопани патишта, недоволниот паркинг простор, купиштата смет кој ретко се отстранува, глутници од кучиња скитници, нерасчистени патишта во зима се проблеми кои со години на ред ја обременуваат Попова Шапка.

    Изградбата на шестоседната жичница, најголема инвестиција на Попова Шапка во последниве неколку години, наместо да ги подобри условите за скијање, создаде дополнителни проблеми. Се раскопаа дел од скијачките патеки, се оштети еден од главните извори од кои Тетово се снабдуваше со вода за пиење, и по три години градба неизвесно е дали жичарницата ќе проработи годинава.

    „Од информациите што ги имаме директно од дирекцијата на ЕЛЕМ и ЕЛЕМ Турс, се вели дека проблематиката со шестоседната жичница е голема. Звучи апсурдно но ни рекоа дека ЕЛЕМ не ѝ пушта електрична енергија на својата ќерка фирма ЕЛЕМ Турс која ја гради шестоседната жичарница. Иако еве сега гледаме дека тука се одвиваат некои градежни работи, и има изгледи оваа година ќе биде завршено со градбата, но повеќе од сигурно е дека жичницата нема да биде пуштена во употреба токму поради струјата. Техничкиот прием ќе биде дури во март или април 2019 година. ЕЛЕM не дaва струја бидејќи во техничката документација за градба на жичницата не било предвидено поврзување на жичницата со трансформаторот па за тоа ќе требало да се направи нов проект“, вели Хамди Сулејмани од „Иницијатива за спас на Попова Шапка“.

    Според Менаф Мемеди кога во осумдесетите години на Попова Шапка се градела двоседната жичница до Церипашино, столбовите биле поставувани со хеликоптер од причина што не смеело да се уништи ниту еден метар од скијачките терени. „А сега, за изградбата на оваа жичница беше преорана целата планина со пристапни патишта за камионите кои носеа материјал за градба. Проблемот е што денес воопшто не се ангажираат стручни лица кои ја знаат планината, ги знаат патеките и имаат искуство од туризмот“, посочува Мемеди поранешен управител за зимскиот центар Попова Шапка.

    И додека сите се сложни дека Попова Шапка мора да се заштити од ваквото деструктивно однесување на надлежните, некои нудат можно решени за спас на овој наш најголем и најубав зимски туристички центар.

    „Ако се земе искуството од скијачките центри на околните земји, може лесно да се заклучи дека останува еден единствен избор, едно и единствено добро решение а тоа е државата, во соработка со Општината, да формираат Јавно претпријатие „Скијачки центар Попова Шапка“ кое ќе биде задолжено за одржување на скијачката инфраструктура на Попова Шапка. Вака направија на Копаоник и сега тоа е еден од најпосетените зимски туристички центри, вака се организирани и многу други вакви скијачки центри во Европа и во светот. Додека не го направиме тоа Попова Шапка од година во година само ќе пропаѓа“, посочува Жарко Трповски од Ски клубот Љуботен од Тетово.

    И додека нашите соговорници ги изнесуваа проблемите со кои се среќава Попова Шапка и кои секоја година се исти бидејќи никој не ги решава, по патот и пред хотелите спокојно си шеташе цело едно стадо крави. Вообичаена глетка за Попова Шапка но незамислива за некој ски центар кој сака да привлече што поголем број туристи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира