По пријава на Центарот за јавно здравје покрај во Скопје, прогласена е епидемија на голема кашлица во Куманово. Досега се регистрирани вкупно 26 случаи на голема кашлица, од кои 23 во Куманово, а останатите по еден случај се од Липково, Крива Паланка и Кратово.
„Поради зголемениот број на заболени од „голема кашлица“ и епидемиолошка поврзаност, до Институтот за јавно здравје пријавивме епидемија на пертусис за територијата на Куманово, кој прифати да се прогласи епидемија. Пациентите се на возраст од 4-месеци до 60 години, а 5 од нив се хоспитализирани“, вели д-р Едита Рамизи, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Куманово.
Според епидемиолошката поврзаност по двајца од заразените се од исто семејство, а според вакциналниот статус 8 од заболените се целосно вакцинирани, 3 се вакцинирани согласно возраста, 5 некомплетно имунизирани, 6 немаат примено ниту една доза на ДиТеПер вакцина, а за најстариот пациент вакциналниот статус е непознат.
Со пријавување на епидемија Куманово е ставено под засилен епидемилошки надзор и се следат препораките на Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје- Скопје.
„Со засегнатите локални институции имаме одлична соработка, директорката на градинката се јавува редовно, се информира и ги следи препораките кои ги даваме. Општата болница Куманово и останатите здравствени установи се запознаени со протоколите, како и основните и средните училишта во градот. По пандемијата од пред неколку години сме веќе усогласени, во редовна и одлична комуникација сме со сите“, вели д-р Рамизи.
Таа вели дека ќе продолжат да ја следат состојбата на терен во однос на ширењето на заразата и апелира да се продолжи со вакцинацијата за да се превенира пренесувањето на други лица.
С. НИКОЛИЌ