СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА ЗЕЛЕНИОТ ПАЗАР ВО КУМАНОВО

    СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА ЗЕЛЕНИОТ ПАЗАР ВО КУМАНОВОПроектот опфаќа и обуки за земјоделците, организирање на мобилни пазари и прекугранични недели за заеднички настап на пазарите. - Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на доделувањето на грантот (Фото: СДК.МК)

    Со средства од Европската унија ќе се реконструира зелениот пазар во Куманово. Парите се обезбедени преку проект за меѓугранична соработка помеѓу општините Куманово и Гњилане. Вкупна сума на проектот е 324.766,11 евра, по приближно 50 отсто за секоја од двете страни.

    Во општина Куманово е предвидена реконструкција на второто ниво на зелениот пазар со еколошки и енергетски решенија, поточно замена на азбестните плочи од кровната конструкција, замена на подните плочки и реконструкција на тоалетите. Инвестицискиот дел изнесува 89.000 евра без ДДВ.

    Проектот опфаќа и обуки за земјоделците во двете општини, организирање на мобилни пазари и прекугранични недели за заеднички настап на пазарите.

    „Средствата се грант од Европската унија за реконструкција на зелените пазари во Куманово и Гњилане. Проектот ќе трае 18 месеци“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

    Имплементацијата ќе стартува во првата половина на јануари годинава, по изборот на проектен тим и изведувач на работите.

    Проект за меѓугранична соработка помеѓу Македонија и Косово ќе се реализира и во општините Крива Паланка и Витина, за изградба на пешачки патеки и шеталиште покрај Крива река и Морава, уредување на спортски терени и заштита на животната средина.

    Градоначалниците на двете косовски општини со нивните македонски колеги пред Нова година ги потпишаа договорите за реализација на проектите од меѓугранична соработка.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира