Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од Велес ги објави резултатите од редовните анализи на квалитетот на водите во езерото Младост. Стручните лица бараат да се изврши проверка колку цијанотоксини има во водата.
„Од извршениот санитарно-хигиенски увид на Езерото Младост се заклучува дека постои видлива пролиферација на алги и појава на пена и голема количина на биомаса – густи, сунѓерасти наслаги со жолто-кафеава боја, кои покриваат значителен дел од крајбрежјето. Водата не смее да се користи за капење и рекреација, додека не се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во водата нема цијанобактерии и цијанотоксини“, пишува во извештајот на ЦЈЗ Велес, потпишан од повеќе стручни лица, доктори.
Анализите на квалитетот на водата во Младост биле извршени во четири наврати, двапати при крајот на мај и двапати на почетокот на јуни, од Градска плажа, на влезот од езерото и кај хотелот „Романтик“. Првите испитувања во мај на двете плажи покажале дека микробактериолошки, водата е со одлични физичко-хемиски параметри, кои одговараат за петта класа по сатурација, трета по присутна матност и втора класа по присуство на амонијак. Испитувањата во јуни покажале дека и на двете плажи водата микробиолошки не одговара за вода за капење.
Причината поради која досега не се испитало присуството на цијанобактерии и цијанотоксини е високата цена на таква анализа, која на Балканот се врши единствено во Љубљана. Неодамна, Владата издвои 10 милиони денари за решавање на проблемот на Езерото Младост, средства со кои ќе управуа ЈВП „Лисиче“, концесионерот на водата од Младост.
Немањето средства е причината што и по еден месец откако беа набавени, не се поставени десетте аератори за водата од акумулацијата. Шест се водоскоци кои ја исфрлаат водата во височина, два се пропелери, со перки кои прават површинска аерација и две се турбини, кои прават длабинска аерација и носат воздух до осум метри длабочина.
Водата од акумулацијата не смее да се користи ниту за полевање. Но, од вчера, таа се црпела за полевање на околните лозја. Оваа информација ја потврдија и од ЈВП „Лисиче“.
„Компанијата е предупредена дека водата не е за полевање, што е мерка од надлежните здравстени институции. Фирмата има важечки договор за користење на водата за полевање и нивна е одговорноста што ја користат“, рекоа од ЈВП „Лисиче“.
П. ПЕЧКОВ