На истекот на годината, Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес, изврши порибување на велешкиот ревир со 580 килограми риба. Порибени беа езерото Младост со 300 кг крап, реката Вардар со 200 кг крап и реката Тополка со 80 кг пастрмка.
ЗСР „Бабуна“ како концесионер на „ревирот 4“, има обврска од договорот со Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство да изврши порибување со определени количини на подмладок на риба. Подмладокот на риба е набавен со средства на здружението, од признаени репродуктивни центри во земјава.
„Порибувањето на река Вардар со крап се изврши бидејќи таа е прилагодлива на сите услови и квалитетот на вода кој го има, но и според препораките од надлежното Министерството со кого го потпишавме договорот за концесија. Може да се пушти и клен, но за жал за него нема порибителен материјал во земјава. Поради присуство на одреден вирус во рибите во река Бабуна, од Агенцијата за храна и ветеринарство ни препорачаа дека не треба да има порибување на оваа река. Затоа количините на пастрмка со тежина до 70 грама, што беа предвидени за оваа река, се пуштија во река Тополка. Нејзиното порибување се изврши далеку од зоната, која е блиску до Велес и водата е често е загадена. Реката ја порибивме со пастрмка во горниот тек, каде е чиста“, кажа Мартин Павлов, претседател на ЗСР „Бабуна“ од Велес.
Заради заштита на пуштениот подмладок на риба, овие денови чуварската служба на ЗСР „Бабуна“ врши засилени контроли на реките Тополка и Вардар, и езеро Младост.
П. ПЕЧКОВ