Комуналните редари на Град Скопје денеска фатија и казнија лице како истура ѓубре. Лицето од камион полн со градежен материјал, ѓубрето го истурал на нива во атарот на селото Бардовци. Комуналните редари го затекнале и направен е записник врз основа на кој инспекторите во Градот ќе изречат казна. Исто така, лицето било задолжено да го собере целиот отпад и соодветно да го одложи.
„Замени се податоци од лицето и во понеделник испекторите врз основа на записникот ќе одредат казна која се движи од 200 до 1.000 евра. Комуналните редари имаат овластување да пишат само казна од 50 евра според Законот за јавна чистота. Затоа во вакви случаи, се прави записник и потоа се изрекува повисока казна. Инспекторите и комуналните редари изминатиов период постојано се на терен и така ќе продолжиме во наредниот период“, вели раководителот на Инспекторатот на Град Скопје Мирослав Богдановски.
Во четвртокот, инспектори од Град Скопје фатија лица од болниците „Ремедика“ и „Диамед“ како фрлаат медицински отпад во контејнерите за ѓубре.
А. АНТЕВСКА