ФИЈАСКО НА ЗАКОНОТ ЗА СТЕЧАЈЦИ ВО КУМАНОВО, БЕЗ НАДОМЕСТ ОСТАНА И ЛИДЕРКАТА ЛИЛЕ ГЕОРГИЕВСКА

    ФИЈАСКО НА ЗАКОНОТ ЗА СТЕЧАЈЦИ ВО КУМАНОВО, БЕЗ НАДОМЕСТ ОСТАНА И ЛИДЕРКАТА ЛИЛЕ ГЕОРГИЕВСКАЛилјана Георгиевска на протестот на стечајците на протест на автопатот Куманово- Скопје во септември, 2016 (Фото: СДК.МК)

    Новиот закон за стечајни работници доживеа вистинско фијаско во Куманово, градот со најголем број стечајци кои се бореа за решавање на нивниот статус, бидејќи без своја вина останаа на улица поради матната приватизација во градот. Од пријавените 1.600 стечајци, во Агенцијата за вработување само 54 добиле решенија за надомест, а од нив само 6 се членови на здружението УНИТ. Со новиот Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, кој го изгласа оваа влада, во Куманово се планираше да опфати најмалку 1.000 поранешни работници, но поради незнаење или грешка при изработка на Законот, бројката остана минимална. На ниво на државата со новиот Закон обештетни се 2.690 стечајни работници.

    „И покрај нашите сугерирања дека во Куманово повторно ќе бидат опфатени многу мал дел на работници, бидејќи ги знаеме состојбите во фирмите, од некои само за нив познати причини во Министерството за труд и социјална политика не нè послушаа. Се потврди народната дека треба да послуша паталец, а не гаталец. Да се прифатеа нашите укажувања, тогаш немаше да дојде до ова одолговлекувања и караници меѓу стечајците. Стечајците во Куманово поминаа катастрофално, разочарани се и се чувствуваат изиграно “, изјави Лилјана Георгиевска, претседателка на здружението на стечајни работници УНИТ.

    Обештетување нема да добие ни лидерката Лилјана Георгиевска и координатори од сите градови. Георгиевска ќе мора да работи уште 10 месеца за да се стекне со стаж од 15 години колку предвидува законот.

    Во Куманово со законот се опфатени само работниците од оние фирми кои се ликвидирани, како Водостопанство, ДИ-ЕР, Монопол, додека од акционерските друштва: ЧИК, ЗИК, Киро Фетак, Полет, Трготекстил, Искра, Лимарско и другите, нема ниту еден. Состојбата е таква бидејќи приватизацијата и формирањето на акционерски друштва во Куманово почнала порано во однос на другите градови во државата.

    За да се поправат работите сега ќе се дополнува членот 2 од Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во кој ќе се вметнат и стечајците од акционерско друштво. Со оваа измена се очекува да бидат опфатени уште најмалку 700-800 во Куманово или 1.600 стечајци на ниво на државата.

    „Стечајците уште еднаш се оштетени и стапот ќе се скрши на нивен грб. Со дополнување на членот го губат правото на ретроактивна исплата на паричен надомест од септември минатата година што не е фер. Ова е само уште една дискриминација и поделба меѓу стечајците“, додава Георгиевска.

    Стечајците имаат забелешка и на тоа што надомест нема да добијат оние кои доѓаат од фирми што го смениле матичниот број и работници кои самоволно ја напуштеле работата, а не земале никаков надомест или се изманипулирани. Ако не се забрза постапката за дополнување на Законот за стечајците, Георгиевска најавуваа дека повторно ќе излезат на улица, бидејќи веќе се на крај со нервите од неодговорната администрација.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира