ФОЛКЛОРИСТИ ОД МЕКСИКО ДО ИНДОНЕЗИЈА ГО НАПОЛНИЈА ШИРОК СОКАК ЗА 55. ИЗДАНИЕ НА „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

    ФОЛКЛОРИСТИ ОД МЕКСИКО ДО ИНДОНЕЗИЈА ГО НАПОЛНИЈА ШИРОК СОКАК ЗА 55. ИЗДАНИЕ НА „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“На фестивалот ќе настапат 1.300 учесници и над 30 ансамбли (Фото: СДК.МК)

    Широк Сокак вчера понуди шаренило од народни танци, песни и носии од целиот свет. Традиционалното дефиле „Со песни и игри низ битолските улици“, кое со години е туристичка актракција, го најави свеченото отворање на 55. издание на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“ во Битола. Фестивалот официјално започна на платото пред Офицерскиот дом со изведба на орото „Комитско“ од КУД „Илинден“ од Битола.

    На дефилето по Широк Сокак парадираа ансамбли од Мексико, Индонезија, Грузија, Хрватска, Полска. Швајцарија и Македонија. Тие со свој програм ќе настапуваат на петте вечери на интернационални ора и музика.

    (Фото: СДК.МК)

    Фестивалската програма ќе трае до 31 јули. Две недели се слави народната култура со 70 настани, повеќе од 1.300 учесници и над 30 ансамбли. Во рамките на фестивалот се одржуваат и Интернационалниот етнографски филмски фестивал, манифестацијата „Ехо од дамарите“, семинар на традиционална музика и игра, интернационален фолклорен пикник, промоции на книги, изложби и други настани.

    „‘Илинденски денови‘ не е само сценско-музичка презентација на ора и песни, туку и место каде што новите генерации можат да видат и научат автентични ора, песни, игри и обичаи, такви какви што биле поставени пред векови“, рече Валентин Соклевски, уметнички раководител на фестивалот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира