За спас на здравствените амбулатни во руралните средини и малите места, Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗЛМ), договорија мерки кои треба да овозможат здравствена нега на граѓаните од овие места и опстанок на ординациите. Мерките денеска на прес-конференција ги претставија директорот на ФЗО Сашо Клековски и претседателката на ЗПЛМ д-р Лили Чолакова-Дервишова.
„Мерките за руралните доктори се темпирани на 24 месеци. Значи, ќе им биде дозволено да немаат медицински сестри следните 24 месеци, каде имаме системски, законски поглед да дадеме на прашањето како ќе функционираат понатаму тимовите. Зголемени се бодовите за руралните доктори. За 22.000 денари нето се зголемени фиксните примања на руралните доктори, имаат зголемени трошоци, можеби заради нивното патување до местото на ординација. Тие одлуки се донесени и објавени и стапуваат на сила, 48 селски амбуланти ќе добијат 22.500 денари месечна помош“, кажа Клековски, додавајќи дека денешниот состанок е прв на приватните лекари со ФЗО по 10 години, последниот бил во 2014.
Тие разговарале за повеќе проблеми во работата, за финансиската, кадровската состојба, за капитацијата, за казните.
„Договорено е 8 амбулати каде нема медицински сестри, во Блаце, во Виница, во Радовиш, да продолжат да работат во следните две години. Ова сега се случува во рурални среднини, но одливот на медицинските сестри во Германија се заканува и по градовите. Побаравме и зголемување на капитацијата на 100 денари, сега е 75, оти и ние на нашите вработени треба да им дадеке К-15, како во јавното здравство, но и да не бегаат од приватното во јавното здравство“, рече Чолакова-Дервишова.
Во однос на капитацијата и дестимулативните мерки односно казните, договорена била работна група да работи на финансиските ефекти, колку позитивно ќе влијае укинувањето на казните.
„Да ги задржиме докторите, да ги задржиме сестрите. Постојниот концепт е надминат, бидејќи е правен пред 15 години. Недостиг на кадар и неатрактивноста на примарната здравствена заштита бара преиспитување на концептот. Не само што ќе останеме без доктори во руралните средини, тку и во помалите градови. Политиката на Владата е да има какво било здравствено лице во малите амбуланти во селата и таа да работи, отколку да нема никој и да не работи. Имаме две години период да го осмислиме новиот концепт. Јасно е дека ќе имаме сè помалку здравствени работници“, рече Клековски.
П. ПЕЧКОВ