ФРЛИЛ БОМБА КАШИКАРА ПРЕД КЛУБОТ НА ПАРТИЈАТА ПЦЕР ВО ТЕТОВО И СЕ ВРАТИЛ ДА ВИДИ ЗОШТО НЕ ЕКСПЛОДИРАЛА

    ФРЛИЛ БОМБА КАШИКАРА ПРЕД КЛУБОТ НА ПАРТИЈАТА ПЦЕР ВО ТЕТОВО И СЕ ВРАТИЛ ДА ВИДИ ЗОШТО НЕ ЕКСПЛОДИРАЛАНастанот е забележан на безбедносните камери од околните објекти. (Фото: Фејсбук)

    Рано изутринава, пред Клубот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, кој се наоѓа во кафуле во Тетово, била фрлена рачна бомба која за среќа не експлодирала. Сторителот првин го искршил едното стакло од вратата и тука ја оставил бомбата. Но бидејќи таа не експлодирала, тој се повратил да провери дали бомбата е активирана. Откако не успеал да ја активира си заминал. Сето ова било забележано на безбедносните камери од околните објекти.

    Претседателот на ПЦЕР Самка Ибраимовски не знае зошто некој сакал да го демолира нивниот клуб и засега не гледа политичка позадина во овој чин.

    „Во 4 часот и 23 минути дошло лицето тука, го скршило стаклото, ја фрлило бомбата, таа не експлодирала, па имал храброст да се врати назад да види дали е активирана бомбата или не е. За среќа не беше активирана, да била сигурно би направила голема штета. Нашиот член од партијата кој утринава дошол во клубот почнал да го мете скршеното стакло без да ја забележи бомбата, па можел не сакајќи и тој да ја активира. Се работи за бомба кашикара од постар тип која има големо разурнувачко дејство. Ние, како политичка партија, немаме забелешки ниту сме се замериле со некого освен некои недоразбирања со извршителите. Дали тоа е причината или нешто друго, се надевам дека набрзо ќе дознаеме“, изјави Ибраимовски.

    На местото на настанот полициски службеници од СВР Тетово извршија увид, а екипа за антитероризам безбедно ја отстранила неексплодираната рачна бомба.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира