Помошното фудбалско игралиште во Градскиот парк во Велес, проект на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), веќе две години е недовршено и запуштено, без градежни активности и без стопан. Градоначалникот на Велес, Марко Колев, изјави дека општината не може да го прими објектот бидејќи изграденото значително отстапува од првичниот проект.
„Тоа е проект на ФФМ. Не можеме да примиме нефункционално спортско игралиште. Формирана е комисија во општината од градежни инженери, архитекти и правници, која направи записник со сите аномалии на стадионот, споредени со проектот изработен од ФФМ. Тоа што ни го понудиле и тоа што го изградиле, не се поклопува. Во таква ситуација, не можам да прифатам документ за примопредавање“, изјави градоначалникот Колев.
Тој додаде дека новото раководство на ФФМ е запознаено со проблемот и дека доколку постапат по забелешките, општинската комисија повторно ќе излезе на терен. Ако се констатира дека сè е отстрането, Колев ќе го потпише документот за примопредавање, изразувајќи надеж за подобра соработка со новото раководство на федерацијата.
Реконструкцијата на игралиштето започна на 2 јуни 2021 година, а тогашниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, најави дека инвестицијата е околу 400 илјади евра, со средства и проект од УЕФА и рок на изведба од една година. Според тогашните најави, проектот требаше да опфати подигање на теренот за заштита од поплави, нова дренажа, најсовремена трева со автоматски систем за наводнување, како и нови покриени трибини со 1.125 столчиња. Беше предвидено и поставување висока заштитна мрежа и осветлување за тренинзи.
П. ПЕЧКОВ