ГАСЕНИЦИ НАПАДНАА 50 ХЕКТАРИ ШУМА ВО КУМАНОВО

    ГАСЕНИЦИ НАПАДНАА 50 ХЕКТАРИ ШУМА ВО КУМАНОВОНаездата на гасениците во популарното излетиште е толку голема, што за само петнаесетина дена штетникот на голем дел од дрвјата ги изел листовите и останале само голи гранки, а стеблата поцрнеле и почнале да се сушат. (Фото: Фејсбук)

    Гасеници се закануваат целосно да ја уништат шумата во атарот на селото Биљановце, на само неколку километри од Куманово, ако не се преземат ефикасни мерки за нејзино сузбиње. Жителите кажуваат дека е зафатена површина од над 50 хектари борова шума од излетничкото место Студена Вода до Бислимска Клисура, една од поголемите зелени појаси во непосредна близина на градот. Наездата на гасениците е толку голема, што за само петнаесетина дена штетникот на голем дел од дрвјата ги изел листовите и останале само голи гранки, а стеблата поцрнеле и почнале да се сушат.

    „Станува збор за извонредна борова шума висока 10 метри, засадена во 1975 година. Јас сум тука и пожарникар и стражар, кога има некој проблем секогаш интервенираме со соседите, меѓутоа овој пат сме немоќни да помогнеме. Затоа, бараме од надлежните под итно да преземат мерки и да организираат прскање за да се спаси додека не е доцна. Секој нареден ден штетата е сè поголема. Ако не се реагира навреме овде ќе остане пустош, а се работи за многу посетено место од излетници“, вели Драган Ангеловски, кој живее на 10 метри од шумата.

    Тој кажува дека веќе интервенирале во дел од надлежните институции, но никој не реагирал на нивните апели.

    Од Општина Куманово велат дека откако дознале за проблемот, екипа од Секторот за заштита на животна средина излегла на терен и ја констатирала состојбата, по што е испратено писмо со фотодокументација до надлежните институции Министерството за земјоделство и шумарство и ЈП „Национални шуми“. Но, од таму уште нема одговор.

    „Очекуваме под итно да се интервенира за да се заштити овој шумски комплекс којшто е од големо значење на градот, и да добиеме понатамошни насоки што да правиме. Според нас, не само оваа површина туку и останатите треба да бидат соодветно третирани за да се спречи уништувањето на шумите. Општината е подготвена, по добиена согласност од надлежните, со сопствени сили во рамки на сопствените можности да интервенира, но дотогаш немаме никаква надлежност, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

    Помошник-директорот на „Национални шуми“ Николчо Киров вели дека го добиле дописот од Општината, меѓутоа и самите преку нивните шумочуварски служби ја констатирале појавата на инсекти во шумите во околината на Куманово. Според нивните информации, шумата во Биљановце е зафатена од штетниот инсект борова оса на површина од околу 3 хектари, исто како и во Пчиња каде што има 2 хектари, додека во липковското село Слупчане има развиено боров четник на 10 хектари шума. Од претпријатието тврдат дека во моментов не може да се пристапи кон уништување на инсектите, затоа што не се третираат во овој период од годината.

    „Сега во моментов боровата оса не може да се третира, бидејќи времето повеќе не го дозволува тоа. Боровата оса во овој период интензивно се храни и предизвикува физиолошко слабеење на културите. Меѓутоа, интензивното хранење завршува за десетина дена. Откако ќе се нахрани инсектот се закопува во земјата и нема да има ефект од третирањето. Само ќе направиме трошоци, а резултатот ќе биде еден или два отсто. Не е оставено ништо на случајот, меѓутоа може да се дејствува дури наредната година и нејзиното третирање ќе го планираме ако имаме повторно напади. Ние ги следиме тие состојби и може да се интервенира со хемиски средства и биолошки мерки, најверојатно тоа ќе биде во 2021 година“, изјави Киров.

    Тој додава дека оваа година единствено можно е да се третира боровиот четник, но тоа ќе зависи од тоа дали ќе има потреба.

    „За боровиот четник ќе се следи ситуацијата и ќе видиме дали ќе се третира или не, дали ќе биде механички ако се мали површини, но може и биолошки и хемиски ако се развие на поголема површина. Но за тоа потоа, сега во овој момент за боровата оса е поминато времето, а за боровиот четник ако има потреба тоа ќе биде во септември – октомври, кога ќе се формираат тие гасенични гнезда. Тоа се инсекти кои ја напаѓаат шумата, но тоа не е до толкава мера алармантно, состојбата се следи и кога ќе се процени дека е потребно ќе се интервенира. Даваме предност на препораките од ИДП службата на Шумарскиот факултетот со кој имаме блиска соработка, со нив се координираме и ги прифаќаме нивните сугестии, така што, ќе видиме“, додава Киров.

    На локацијата Студена Вода, Општина Куманово гради викенд населба за развој на рекреативен туризам, а преку европски проект во тек е изградба на центар за алтернативни спортови на Бислимска Клисура. Со уништувањето на оваа шума не само што овие содржини нема да заживеат, туку Куманово ќе изгуби уште еден дел од своите бели дробови, а ионака е еден од градовите со најзагаден воздух во државата.

    Жителите на Биљановце кажуваат дека шумата последен пат била прскана пред 5 години, кога исто така била нападната од исти штетници.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира