Без две или три неисплатени плати, К-15 и отпремнина, газда на штипска конфекциска фабрика испратил 50 работници на колективен годишен одмор, а по завршувањето на одморот завчера тие наишле на затворени врати без никакво известување. Меѓу нив има и млади жени со тримесечни бебиња, па загрозени се и правата по основ на породилно боледување.
„Сопственикот не сакал со нас да разговара и да објасни за какви проблеми се работи, туку индиректно преку видео пратил известување дека пари нема, дека не биле исполнети работните норми, во 5 до 12 биле откажани аранжманите и да си бараме чаре“, велат револтираните работници фабриката „Елит фешн“ која се затвора по 15 години работа.
Невладината организација „Гласен текстилец“ вели дека според сите синдикални норми, работничките имале статус на вработени на определено време. Многумина од нив, како вработени на определено време имале таков непрекинат стаж и повеќе од пет години, со што ги стекнуваат сите права какви што ги имаат работниците на неопределно време.
„Оваа конфекција е четврта во регионот чии вработени ја доживуваат истата судбина, без исплатени плати за два или повеќе месеци, без К-15, без отпремнина итн. По. реакцијата на работниците го пријавивме случајот во трудовата инспекција во Штип и очекуваме најмногу за десетина дена да добиеме некаков извештај“, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
Таа вели дека недостигаат поригорозни казнени мерки за вакви компании чии сопственици едноставно исчезнуваат, немаат ништо не нивно име, а имаат имотот кој е префрлен на нивните наследници. Смета дека имотот треба да биде конфискуван и да се изнајдат начини работнциите да бидат обештетени за трудот што го вложувале со месеци, а не биле платени.
„Од друга страна, според нашите податоци од УЈП, оваа конфекција во последните неколку години, вклучувајќи ја и 2024 година остварувала приходи од 32-39 милиони денари, а сега наеднаш снемала пари“, вели Ампева.
Според Ампева, од оваа конфекџција која е отворена во 2008, во најлоша ситуација ќе се најде работничка со тримесечно бебе, па во прашање доаѓаат нејзините права по основ на породилно боледување.
Претседателот на организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, не го знае последниот штипски случај, но кажува дека е недозволиво работнциите да останат дома, без работа и без да добијат отказ во писмена форма што е должност на секој работодавач, или ако се прогласени за технолошки вишок да не добијат отпремнина која по законот им следува.
Според Димитров, загрижувачки е трендот да се затвораат конфекции или газдите, кои обично се од странство, во потрага по поевтина работна сила да бараат локации за бизнис во други земји. Најчесто црпат евтина работна сила од азиските земји.
„Државата и било која Влада мора да посвети поголемо внмание на македонската конфекција и да ја помогне на кој било начин, исто како што сега ги помага приливигираните инвеститори во ТИР зоните кои добиваат со години поволни субвенции. Такво ослободување од придонеси треба да имаат и домашните компании во областа на конфекцијата“, вели Димитров.
Според него, треба да загрижува фактот што во 2010 година македонската конфекција имаше 65.000 работници, а сега тој број е сведен на 27.000. Преполовен е и бројот на конфекциски компании. И по конфекциски единици и по бројот на вработени секоја година се забалежува намалување од 5-6 проценти, што во апсолутни бројки значи многу.
„Од друга страна, мораме постојано да укажуваме дека и македонската конфекција треба да го менува својот процес на прозиводство. Ова што сега ни се случува е поради ЛОН прозиводството што го имаат 90 проценти од конфекциите во Македонија. Мора домнашните комнпании да се преадаптираат во производители на готов производ кој ќе биде многу поконкурентен на светскиот пазар“, вели Димитров.
Т. ЈОВАНОВСКИ