Во конкуренција на десетина градови, Гевгелија ја доби титулата Град на културата за 2025 од Министерството за култура и туризам. Како што кажа министерот за култура и туризам Зоран Љутков на денешната прес-конференција во Гевгелија, годинава ќе бидат одржани вкупно 142 културни настани од сите области, а Министерството ќе учествува со 3 милиони денари во нивната реализација.
„Освен тековните годишни, ќе има и нови дополнителни настани. Гевгелија со својата локација привлекува голем број туристи, а сега со овој статус ќе бидат понудени нови можности и дополнителни содржини за престој во Гевгелија“, кажа Љутков, додавајќи дека со ова манифестацијата сака да ги охрабри младите локални уметници и автори.
Општина Гевгелија за оваа манифестација ќе обезбеди 258.999 евра (16 милиони денари). Како што кажа градоначалникот Андон Сарамандов, манифестацијата и сите културни настани ќе биде основа за нови гости, посетители кои ќе го потикнат локалниот економски развој.
„Гевгелија отсекогаш беше синоним за култура, идеи и уметност. И наша обврска е со овој статус да ја прошириме културната сцена, да создадеме нови можности за уметниците и културните работници за да градот го направиме атрактивен“, кажа Сарамандов.
Годинава во Гевгелија се планирани изложби, промоции на книги, тетарски престави, поетски читања,
презентација на културното и археолошко наследство, театарски престави, музички концерти и концерти со народни и модерни танци.
В. ТРАЈКОВ