До крајот на април, Гевгелија ќе добие велосипедска офроуд патека на која во мај ќе се одржи првиот Гевгелиски велотлон. Патеката во должина од 4 километри се наоѓа во месноста Долна Корија кај Негорски Бањи и треба да биде дополнителна туристичка атракција за Гевгелија. Се работи во рамките на проектот „Гевгелија велоград“ што го имплементира друштвото „Дичо Панов“.
Како што вели Виктор Гавровски од друштвото, целиот проект има за цел да иницира здрави животни навики и развивање на спортскиот дух кај младите во Гевгелија.
„Просторот изобилува со борова шума и живописни предели и се наоѓа меѓу Гевгелија, Негорци, Мрзенци и Негорски Бањи. Во моментов, интензивно се работи на велосипедската патека во должина од околу четири километри. Трасата по која поминува е веќе расчистена од вегетација, на одредени места се интервенира со механизација, а се подготвува и просторот каде ќе бидат поставени препреките“, вели Гавровски.
На планинската велопатека што се гради, кон средината на мај се планира да се одржи Велотлон на кој ќе присуствуваат стотина велосипедисти од земјава и странство. Една од целите на проектот е и зголемување на економската активност на општина Гевгелија, конкретно, да се збогати туристичката понуда со организирање на велосипедски спортски настани.
„Очекуваме активностите околу патеката да ги завршиме до крајот на април од причина што во текот на месец мај е предвидено одржување на спортскиот настан од натпреварувачки карактер Гевгелиски велотлон. Велосипедската патека во иднина ќе може да ја користат сите граѓани, не само за возење велосипед туку и за пешачење, трчање, како и за рекреирање со совладување препреки“, вели Гавровски.
Проектот „Гевгелија велоград“ се работи во рамки на програмата за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
В. ТРАЈКОВ