ГИ ЛАЖАТ ПО ТЕЛЕФОН ДЕКА НИВНИ БЛИСКИ ПРЕГАЗИЛЕ ДЕТЕ И АКО ДАДАТ ПАРИ ЌЕ ГИ СПАСАТ ОД ЗАТВОР, ЗАЧЕСТИЈА ИЗМАМИТЕ ВО БИТОЛА

    ГИ ЛАЖАТ ПО ТЕЛЕФОН ДЕКА НИВНИ БЛИСКИ ПРЕГАЗИЛЕ ДЕТЕ И АКО ДАДАТ ПАРИ ЌЕ ГИ СПАСАТ ОД ЗАТВОР, ЗАЧЕСТИЈА ИЗМАМИТЕ ВО БИТОЛАИзмамниците лажно им се претставувале дека се сведоци или службени лица и им ветувале дека за одредена сума пари ќе му помогнат на учесникот во сообраќајката да не биде казнет. - Битола (Фото: СДК.МК)

    Повозрасни лица од Битола станале жртви на измама по телефон дека нивни блиски роднини од семејството направиле сообраќајна несреќа и дека ако платат одредена сума на пари нема да одат во затвор, соопштија од Битолската полиција.

    Измамниците лажно им се претставувале дека се сведоци или службени лица и им ветувале дека за одредена сума пари ќе му помогнат на учесникот во сообраќајката да не биде казнет. Измамниците ги наведувале оштетените за кусо време да ги обезбедат бараните парични средства и да им ги дадат, а потоа исчезнувале.

    Во СВР Битола се евидентирани пријави од граѓани кои во изминатиот период биле измамени преку нудење на лажни услуги по телефон. Измамниците им ветувале најразлични производи или услуги за набавка на огревни дрва, купување возила, станови, организација на настани, откуп на железо и друго.

    „Измамниците се јавуваат и во некои угостителски објекти претставувајќи се како овластени лица на фирми. Вршат резервации на простор, притоа барајќи угостителот да ангажира фирма за декорација или други придружни услуги, за кои плаќа во готово кај одредено лице, а подоцна, односно на настанот, парите со другите трошоци ќе му бидат помирени. Но, нарачателот потоа е недостапен за комуникација“, соопштија од полиција.

    Од СВР Битола апелираат до граѓаните да бидат претпазливи во комуникација со непознати луѓе, која најчесто е телефонска, да не наседнуваат на измами, да ги проверуваат податоците пред да станат жртви на измама, да не даваат пари на непознати лица и случаите веднаш да ги пријават на 192.

    Измамниците влегуваат дури и во љубовна врски за да стигнат до пари. 49-годишна жена од Битола пријавила дека била измамена од едно лице за сума од околу 8.000 евра. Според пријавеното, тие се запознале во мај годинава преку социјалните мрежи и биле во љубовна врска. Лицето ѝ ги побарало парите за да одблокира сметка од негова фирма и ветило дека брзо ќе ѝ ги врати. Откако открила дека лицето лажно ѝ се претставило и дека не поседува фирма, случајот го пријавила во полиција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира