Еколошко загревање на објекти како Клиниката за белодробни заболувања кај децата во Козле, која сè уште се загрева на мазут, е едно од четирите барања на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ кои денеска во Скопје организираат втор протестен марш против аерозагадувањето.
„Првото барање е јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколопкото загревање на Клиниката во Козле. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот“, изјави Горјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.
Од првиот протестен марш што се одржа на 10 декември поминаа речиси три недели.
„Две недели од доставените барања, а одговор од институциите уште нема. На кого му служат? Без чист воздух нема здравје! Без здравје нема живот! Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките“, велат од „Зелен хуман град“ во најавата за протесот.
Според податоците на УНИЦЕФ, 11,6 отсто од смртните случаи кај новороденчињата во земјава се поврзани со загадениот воздух, што значи дека секое деветто починато дете под една година го губи животот поради аерозагадувањето.