ГЛУТНИЦА ВОЛЦИ ЗАКЛА 40 ОВЦИ ВО БАЧИЛО НА ШАР ПЛАНИНА

    ГЛУТНИЦА ВОЛЦИ ЗАКЛА 40 ОВЦИ ВО БАЧИЛО НА ШАР ПЛАНИНАОвчарите велат дека во нападот во Бозовце изгубиле околу 150 овци (Фото: СДК.МК)

    Глутница волци заклала 40 овци во бачилото во атарот на тетовското село Бозовце, повредила педесетина, а уште толку побегнале и им се губи трага во планината. Овчарите од бачилото на фирмата „Биофарм“ зборуваат за страотната глетка која ја затекле во трлото.

    „Утрото кога дојдовме во бачилото глетката беше страшна. Крв имаше насекаде, во бачилото имаше многу заклани и тешко повредени овци. Нашите кучиња ги немаше. Се гледаше дека имале голема борба со волците. За среќа, кучињата успеале да го заштитат поголемиот дел од стадото кое броеше околу 200 овци, но кучињата не ги најдовме. Дали и тие се заклани од волците или тргнале да ги гонат, не знаеме. Знаеме само дека изгубивме околу 150 овци и ни е направена голема штета, која изнесува илјадници евра. Не знаеме дали некој ќе ни помогне“, вели Џемаил Џемаили од село Вејце.

    Овчарите велат дека вакви случки имало и порано и дека нивните стада се честа мета на волците кои на Шар Планина ги има во голем број.

    „Државата треба да се заинтересира за овој случај, бидејќи не е првпат стадата овци да страдаат од волците. Јас досега не сум видел ловџиите од Тетово да организираат хајка по волци. И државата треба да преземе соодветни мерки при вакви случаи, да обезбеди некаква помош или субвенции, но и сточарите треба да си ги осигураат овците за да можат да добијат отштета“, изјави Меџит Амити, претседател на Здружение на сточари „Шарпланинец“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира