ГОДИНАВА ВО ТЕТОВО НЕМА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАПИШАНИ УЧЕНИЦИ ВО ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

    ГОДИНАВА ВО ТЕТОВО НЕМА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАПИШАНИ УЧЕНИЦИ ВО ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТАДенеска во употреба беше предадена нова спортска сала во средното училиште „7 Март“. (Фото: СДК.МК)

    На првиот ден од почетокот на новата учебна 2025/2026 година, градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами се пофали дека после подолг период, годинава нема намалување на новозапишани ученици во тетовските основни и средни училишта. Минатата година имаше запишано 100 првачиња помалку, а намалување на запишани ученици имаше и во средните училишта.

    „Во прво одделение во оваа учебна година запишани се вкупно 937 ученици, од кои 778 на албански наставен јазик, 144 на македонски и 15 ученици кои наставата ќе ја следат на турски јазик. Во средните училишта кои се под ингеренција на Општината во прва година се запишале 1.347 ученици, од кои 1116 на албански наставен јазик, 223 на македонски и 8 на турски наставен јазик“, соопшти Назми Даути од Секторот за правни дејности на Општина Тетово.

    Одбележувајќи го почетокот од новата учебна година, денеска во употреба беше предадена нова спортска сала во средното училиште „7 Март“.

    Во ова училиште, каде досега наставате се одвиваше само на албански јазик, сега ќе учат и учениците од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ кои наставата ја следат на македонски јазик, бидејќи нивното училиште се реновира. Според градоначалникот Касами, се очекува реконструкцијата да заврши за еден месец.

    Учениците од Средното текстилно училиште „Ѓоце Спојчески“ во наредниот период наставата ќе ја следат во основното училиште во Мала Речица, бидејќи постојниот објект на училиштето е срушен и се гради нова училишна зграда.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира