Кумановецот Столе Димитриевски, голман на шпанскиот фудбалски клуб Валенсија и на македонската фудбалска репрезентација, е добитник на Ноемвриската награда, највисокото признание на Општина Куманово, што се доделува за посебни достигнувања и промоција на градот.
„Димитриевски има одиграно повеќе од 70 натпревари за македонската репрезентација, меѓу кои и на Европското првенство во 2021, каде што особено се истакна со своите маестрални одбрани“, беше кажано при претставувањето на Димитриевски.
Оваа година Ноемвриска награда добија три физички и три правни лица: Никола Давидовски, кој го испеа безвременскиот хит „Земјо мила”, Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора, Националната установа Музеј Куманово, Здружението за ликовна уметност „Форма Куманово” и хуманитарната организација „Крепост”.
Признанието се доделува традиционално на свечена седница по повод 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово. Оваа година Куманово слави 80 години од ослободувањето и делегации од општествениот и политичкиот живот од градот и државата положија цвеќе и се поклонија во Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ.
С. НИКОЛИЌ