ГОСТИНСКИ НАВИВАЧИ ВЛЕГОА НА ТЕРЕН И ИСТЕПАА ФУДБАЛЕРИ ОД ПИОНЕРСКИОТ ТИМ НА БРЕГАЛНИЦА НА НАТПРЕВАРОТ СО ШКУПИ, ДВАЈЦА СЕ В БОЛНИЦА ВО ШТИП

    ГОСТИНСКИ НАВИВАЧИ ВЛЕГОА НА ТЕРЕН И ИСТЕПАА ФУДБАЛЕРИ ОД ПИОНЕРСКИОТ ТИМ НА БРЕГАЛНИЦА НА НАТПРЕВАРОТ СО ШКУПИ, ДВАЈЦА СЕ В БОЛНИЦА ВО ШТИПКога децата бea физички нападнати, на теренот влета и домашната публика и настана општа тепачка. (Принтскрин од видео)

    Инциент го прекина првенствениот фудбалски натпревар на првото коло од Републичката пионерска лига меѓу штипска Брегалница и скопско Шкупи, кога на фудбалското игралиште „Бело Брдо“ во Штип возрасна публика од Скопје влезе на теренот, а еден од напаѓачите со клоци удирал по двајца млади фудбалери од домашната екипа. Инцидентот се случи во последната минута од напреварот за деца родени 2010 година, по еден прекршок меѓу младите фудбалери.

    Кога децата бea физички нападнати, на теренот влета и домашната публика и настана општа тепачка. Двајцата домашни фудбалери со тешки повреди се однесени во Клиничката болница во Штип, а полицијата по интервенцијата го приведе главниот напаѓач и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

    Од Министерството за внатрешни работи (МВР), соопштија дека „лицето А.А. (43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК Шкупи, влегол на теренот и им нанел повреди на двајцата малолетници. Тие биле веднаш пренесени во Клиничката болница во Штип каде им е укажана медицинска помош. Напаѓачот е лишен од слобода од страна на полициските службеници на СВР Штип, а за настанот бил известен и јавен обвинител. Надлежните органи преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следуваат соодветни кривични пријави“.

    Инцидентот се случи при водство на Брегалница со 2:1.

    Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро го осуди инцидентот.

    „Длабоко сме вознемирени од фактот што едно од децата претрпе сериозни повреди и скршеници како последица на нападот. Тоа е нешто што никогаш не смее да се дозволи да се повтори. ФФМ ќе преземе сите неопходни чекори – поведена ќе биде дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, а сторителите на овој брутален чин ќе се соочат со соодветни санкции. Нашата порака е јасна – со насилство, на било кое ниво, нема компромис“, соопшти ФФМ.

    Од Федерацијата додаваат дека во соработка со надлежните институции ќе се обезбедат дополнителни механизми за превенција, со цел безбедноста на младите спортисти и нормално одвивање на натпреварите да бидат загарантирани.

    Управата на ФК Брегалница бара од Фудбалската федерација казни за ваквите влетувања на луѓето на теренот, а од гостинската публика и да преземе мерки во иднина да не се даваат вакви лоши примери на младите фудбалери.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира