ГОТОВ ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ НА ДОМ НА ГРАДЕЖНИЦИ ВО СКОПЈЕ, ЌЕ БИДЕ ЛЕТНО КИНО

    ГОТОВ ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ НА ДОМ НА ГРАДЕЖНИЦИ ВО СКОПЈЕ, ЌЕ БИДЕ ЛЕТНО КИНОНа површина од 400 квадратни метри се засадени над 30 различни видови садници.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Готов е зелениот покрив на Дом на градежници во центарот на Скопје, кој Градот Скопје го правеше во соработка со УНДП. На површина од речиси 400 квадратни метри се засадени над 30 различни видови садници – дрвја, средно и ниско зеленило, тревна површина и вертикално зеленило на ѕидовите, а поставени се и клупи и канделабри.

    Како што најави градоначалникот Петре Шилегов, еден дел од покривот ќе биде летно кино.

    „По фантастичното искуство што го имавме со отворањето на зелениот покрив на Градскиот трговски центар, ова е втора ваква површина што како јавен простор ја ставаме на користење за граѓаните. Таа се наоѓа во Малиот ринг, онаму каде што и тоа како ни е потребно зеленило. Постарите генерации скопјани се сеќаваат дека токму на овој простор се наоѓало летно кино, а граѓаните од околината можеле да уживаат во кино претстави. Тоа е всушност и идејата на Градот, на оваа површина во текот на летниот период да организираме мини отворено кино, таканаречено ‘немо’ кино, во кое со слушалки ќе се гледа претставата за да не пречиме на соседството. Ем ќе ги вратиме спомените, ем ќе го облагородиме овој простор“ рече Шилегов.

    Проектот чини од околу 18,5 милиони денари. Како донација на Холандската амбасада во земјава на еден од ѕидовите на зградата насликан е мурал инспириран од големиот холандски сликар Карел Апел. Муралот го изработи уметникот Дени Рамбл.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира