Тротоарите долж булеварот Никола Карев или Пластичарска улица не се ослободени за движење на пешаци и велосипеди после реконструкцијата. Од двете страни долж булеварот тротоарите се окупирани со коли, иако градоначалникот Петре Шилегов при стартот на градежните работи најави дека во рамките на реконструкцијата ќе бидат изведени пешачки и велосипедски патеки. Тротоарите се реновирани, поставен е нов слој асфалт, но не се поставени столпчиња за да се спречи паркирањето на возила.
Од Град Скопје велат дека ќе постават столпчиња и ќе го ослободат овој дел за движење на пешаци и велосипеди откако ќе обезбедат место за паркирање за жителите и сопственците на дуќаните. Не прецизираат кога ќе се случи тоа и како и каде ќе обезбедат место за паркирање.
„Градот Скопје деновиве заврши со реконструкцијата на булеварот Никола Карев. Покрај работата на булеварот и сите негови елементи, во моментов се работи и на решавање на проблемот со паркирање во овој дел од Скопје. По неговото решавање и овозможување на простор за паркирање на жителите и објектите на оваа локација, Градот ќе пристапи на поставување на столпчиња“, велат од Град Скопје.
Град Скопје минатата недела заврши со реконструкцијата на првата фаза од улицата Пластичарска од Бит пазар до касарната Илинден. Сега Пластичарска улица има по две сообраќајни ленти во двата правци и средишно зеленило онаму каде што тоа го дозволува просторот. На целиот потег е изведена атмосферска канализација која досега не постоеше. Реконструкцијата чини 2,1 милион евра.
Градоначалникот Петре Шилегов најави дека пролетва Градот ќе почне со градежни работи за проширување и реконструкција на сообраќајницата до крстосницата кај Момин поток.
А. АНТЕВСКА