Град Скопје објави повик за субвенционирање стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање, со цел да се поттикне нивниот развој. За таа цел, во буџетот на Град Скопје се предвидени 500.000 денари, а паричната субвенција по апликант ќе изнесува 10.000 денари.
Право на учество на јавниот повик имаат занаетчиите кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од Град Скопје во тековната година и занаетчиите кои се регистрирани согласно Законот за занаетчиство и извршуваат дејности во изумирање: јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, корпар, изработка на сувенири, домашна ракотворба, филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти и самарџија.
Барањето за субвенционирање треба да се испрати најдоцна до 10 декември. Исплатата на одобрените средства ќе се врши сукцесивно, по принципот ,,прв дојден, прв услужен”.
Доколку бидат исцрпени предвидените финансиски средства, Град Скопје ќе го објави завршувањето на јавниот повик преку својата веб страница.