Ниту оваа година средношколките од Скопје не добиваат бесплатни менструлани производи. Иако со буџетот на Градот за 2023 година за оваа намена се предвидени 4 милиони денари (65.000 евра), средствата не се префрлаат ниту се спроведува проектот.
Обезбедувањето пари за менструална хигиена втора година по ред е по иницијатива на советничката на ЛДП Теодора Радончиќ, која при донесување на буџетот предложи амандман кој беше усвоен од мнозинството советници.
„Веќе две години средствата се обезбедени, а градската администрација е ингорантна по однос на спроведување на иницијативата. Бидејќи на моите советнички прашања одговор нема, одговорете им на граѓаните каде е проблемот. Можевме да бидеме пример, да бидеме први во Европа. Еднаш, барем еднаш наместо за личен интрес направете нешто за доброто на сите. Поддршката ја имате, средствата се обезбедени, каде е проблемот“, вели Радончиќ.
Во истражувањето „Менструална правда“, спроведено од Тиииит Инк. и Реактор, се забележува фрапантна бројка дека 43% од ученички отсуствувале од училиште поради менструацијата. Речиси секоја трета учесничка во истражувањето одговорила дека барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и импровизирала.
Освен заканата по здравјето, менструалната сиромаштија сериозно влијае врз квалитетот на образованието и можностите на ученичките да посетуваат училиште. Недостапноста на бесплатни менструални производи, нефункционални тоалети, недостапни сапуни и чиста вода се неретки проблеми кои доведуваат до намалување на стапката на образовани и способни млади жени и девојки.
А. АНТЕВСКА