Градежен факултет во Скопје го испорачал до ЈП „Државни патишта“ (ЈПДП) техничкото решение за санација на мостот на Вардар кај Башино Село на влезот во Велес. Во тек била подготовка за објавување јавна набавка за избор на изведувач, најавија од ЈПДП.
„Критериумите за избор на изведувач за времена санација на мостот преку Вардар кај Башино Село се изготвуваат врз основа на техничкото решение добиено од Градежен факултет. Јавната набавка ќе се спроведе во отворена постапка со скратени рокови“, одговорија од ЈПДП на поставеното прашање.
Санацијата опфаќа отстранување на старите асфалт и бетон, зајакнување на арматурата, поставување нови бетон и асфалт, интервенции под мостот и зајакнување на носачите кои се во реката. Најавите беа дека санацијата на мостот ќе трае 90 дена. Дотогаш, поради затворениот мост, целокупниот сообраќај на возила од над седум тони се одвива низ градот. Воведен е времен сообраќаен режим, според кој овие возила минуваат низ центарот на Велес ноќе, од 22 до 6 часот.
П. ПЕЧКОВ